Нигериските власти сè уште немаат излезено со информации колку деца се киднапирани, а владата на нигериската држава нареди привремено затворање на сите интернати во областа

Во централната нигериска држава Нигер вчера од католичкото училиште „Света Марија“ беа киднапирани 227 ученици и наставници, соопшти Христијанската асоцијација на Нигерија (КАН).
Терористите киднапирале 215 ученици и 12 наставници од училиштето, а некои ученици успеале да избегаат за време на терористичкиот напад.
Нигериските власти сè уште немаат излезено со информации колку деца се киднапирани, а владата на нигериската држава нареди привремено затворање на сите интернати во областа.
Владата претходно соопшти дека училиштето работело и покрај претходните предупредувања од безбедносните служби.
„За жал, училиштето „Света Марија“ продолжи со училишните активности без да информира или да побара одобрение од државната влада, со што ги изложи учениците и персоналот на ризик што можеше да се избегне“,
се вели во соопштението на владата вчера.
Нападот се случи неколку дена откако вооружени лица киднапираа 25 девојчиња од средно училиште од интернатот за девојчиња „Мага“ во северозападната нигериска држава Кеби.
Според извори од ОН, учениците од „Света Марија“ биле однесени во шумата Брнин Гвари во државата Кадуна, која се наоѓа источно од државата Кеби, упориште на неколку криминални групи блиски до екстремистичката група Ансар.
Сè уште не е познато дали киднаперите се екстремисти или криминални банди.
Двете киднапирања, како и нападот врз училиштето во Еруку во западна Нигерија, доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воена интервенција во Нигерија поради обвинувањата за прогон на христијаните во земјата.
Во Вашингтон, оваа реторика ја повторуваат конзервативните пратеници и групите за застапување на христијаните.
