Дарја Навалнаја ја доби наградата 11 месеци по затворањето на нејзиниот татко, кој е еден од најгласните критичари на актуелниот руски претседател Владимир Путин, а кој беше затворен поради случај кој се смета за политички мотивиран
Ќерката на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални, денеска во негово име ја доби наградата „Сахаров“ на церемонија во Стразбур. „Сахаров“ е највисокото признание за човекови права кое го доделува Европската унија.
Дарја Навалнаја ја доби наградата во Европскиот парламент, 11 месеци по затворањето на нејзиниот татко, кој е еден од најгласните критичари на актуелниот руски претседател Владимир Путин, а кој беше затворен поради случај кој се смета за политички мотивиран.

EPA-EFE/JULIEN WARNAND / POOL
Европските пратеници го избраа Навални за добитник на годишната награда „Сахаров“ за слобода на мислата, велејќи дека тој „постојано водел кампања против корупцијата на режимот на Владимир Путин“.
Навални водеше борба против корупцијата во Русија, а беше приведен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде што се опоравуваше од нападот со отров за кој неколку европски лаборатории заклучија дека е хемиски нервен агенс од воена класа. Притоа, тврдеше дека неговото труење било нарачано од Путин, што Кремљ го негира.
Во февруари, московскиот суд пресуди дека додека бил во Германија, Навални ги прекршил условите за неговото ослободување од стар случај за проневера што бранителите на човековите права го сметаат за политички мотивиран. Условната казна на Навални од три и пол години од овој случај беше претворена во затворска казна, иако судот рече дека тој ќе одлежи две и пол години затвор бидејќи е во притвор.
За време на јануарските митинзи на кои се бараше негово ослободување беа приведени повеќе од 10 000 негови приврзаници ширум Русија. Најмалку 90 лица, пак, беа обвинети за кривични дела, а неколкумина се отпуштени од нивните работодавци.