Администрацијата на Трамп денеска потврди дека ќе ги испрати Келог и Стив Виткоф во Турција за да ги претставуваат САД на потенцијалните преговори меѓу Русија и Украина
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, пензионираниот генерал Кит Келог, изјави дека САД се надеваат оти рускиот претседател Владимир Путин ќе дојде на преговорите во Истанбул.

Ако тоа се случи, рече тој, ќе дојде и самиот претседател Трамп.
„Сакаме да постигнеме сеопфатно примирје во Украина, а дури потоа да ги отвориме прашањата за териториите“,
рече Келог во интервју за Фокс бизнис.
Американските медиуми претходно јавија дека одлуката на Трамп за доаѓање во Истанбул зависи од тоа дали Путин ќе се појави на преговорите.
Администрацијата на Трамп денеска потврди дека ќе ги испрати Келог и Стив Виткоф во Турција за да ги претставуваат САД на потенцијалните преговори меѓу Русија и Украина.
Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, Путин се плаши од директни преговори.
„Ако нема средба со Путин, нема да има ни резултати. Сè веќе отиде предалеку. Путин се плаши од директни преговори со мене. Доколку Путин не дојде и продолжи да ги игра неговите игри, тоа е последен доказ дека не сака да ја запре војната“,
напиша Зеленски во објава на социјалната мрежа Икс.
Директните преговори меѓу Зеленски и Путин треба да се одржат в четврток во Истанбул, со потенцијално учество на американскиот претседател Доналд Трамп.
Најавената средба претставува најнов обид на меѓународната заедница да посредува за завршување на војната што трае повеќе од три години.