Како причина за повлекувањето од советодавното тело на Алиу, тој го навел застојот во започнатите контроли по откривањето на случајот со непотребните операции на срце што се вршеле во приватни здравствени установи, а кој го обелодени лично Кедев
Кардиологот и академик Сашко Кедев се повлекува од здравствениот совет формиран од министерот за здравство Азир Алиу – објави телевизијата Канал 5, повикувајќи се на свои извори во Министерството.

Како причина за повлекувањето од советодавното тело на министерот за здравство, тој го навел застојот во започнатите контроли по откривањето на случајот со непотребните операции на срце, а кој го обелодени лично Кедев.
По откривањето на случајот со непотребните операции на срце во август минатата година, здравствените власти формираа 15-члена комисија која на 14 ноември излезе со прелиминарен извештај. Според наодите на комисијата, од 19 анализирани пријави за сомнителни случаи на непотребно извршени интервенции на срце, кај 10 биле утврдени непотребно извршени операции или непотребно упатување за операции.
Наодите на интерната комисија на Министерството за здравство, Кедев во интервју за „360 степени“ во декември лани ги нарече „врвот на сантата мраз“, велејќи дека станува збор за бројки што се минимални во однос на потенцијалните неправилности и недоследности од овој аспект. Кардиологот оцени дека ако остане без завршница, случајот ќе отвори големи сомнежи во јавноста.
Кон крајот на декември минатата година министерот за здравство Азир Алиу најави дека треба да се одржи првиот состанок со странските експерти што треба да бидат ангажирани за финализирање на извештајот за случајот со непотребните операции на срце, но и натаму не се знае дали и кога оваа комисија би почнала со работа.
Среде оваа неизвесност доаѓа потегот на кардиолот Кедев.
Во државава кардиохируршки зафати, освен во државната кардиохирургија (во помал број), се прават во две приватни болници, а трошоците за нив се покриваат од државниот Фонд за здравствено осигурување.
