Ако приоритет на нашата држава е да имаме квалитетно и достојно јавно здравство, според мене, треба да се инвестира таму каде што се носи здравствената дејност, вели познатиот кардиолог

Болниците во Кичево и во Штип, ГОБ „8 Септември“ – заслужуваат внимание, меѓутоа не може Клиничкиот центар во Скопје да биде од секундарно значење, вели кардиологот Сашко Кедев, коментирајќи го пристапот на актуелната влада за регионализација на здравствениот систем. Тој подразбира прво изградба на болниците во Кичево и во Штип, а дури потоа инвестирање во нов клинички центар во главниот град.
„Ако приоритет на нашата држава е да имаме квалитетно и достојно јавно здравство, според мене треба да се инвестира таму каде што се носи здравствената дејност. Во моментот, според податоци од Министерството за здравство, па и од Фондот, околу две третини од товарот на здравството е во Клиничкиот центар, а вие добро забележавте дека приоритетот се поставува на други периферни клинички центри, надвор од главниот клинички центар. Сите заслужуваат внимание, и болницата во Кичево, клиничкиот центар во Штип, „8 Септември“ како секундарно здравство, меѓутоа според мене, на некој начин, да се става во секундарна позиција значењето на Клиничкиот центар, мислам дека тука треба малку да се поместат приоритетите“, вели Кедев.
Притоа, според него, ова не значи дека главен приоритет треба да ни биде мултимилионски мегаломански проект на клинички центар.
„Најверојатно, во некоја фаза, ќе треба и тоа, меѓутоа во моментот ни фали да го направиме Клиничкиот центар попристоен“, дообјаснува кардиологот, кој во минатото беше директор на Клиниката за кардиологија.
