„Ќе свикам, но што ако не дојдат сите? Јас не прејудицирам теми за разговор. Тие самите треба да одберат за што да разговараат“, посочува претседателот на Собранието
Би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и за парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа. Секако, ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на годината, зашто ако тоа се случи подоцна ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон.
Ова во изјава за МИА денеска го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери на прашањето дали би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и парламентарни избори.
„Прво и основно не е прашањето дали претседателот на Собранието би повикал или не лидерска средба. Мислам дека посоодветно е да се постави прашањето до лидерите на политичките партии дали би се одзвале на евентуална покана и од тоа после зависи цела понатамошна постапка. Посоодветно би било да имаме прво информација дали политичките лидери имаат волја да дојдат во Собранието. Од мој аскет нема никаков проблем таа волја да им ја удоволам“,
посочува Џафери.
На прашањето дали сепак би свикал средба доколку мнозинството лидери на партии бараат од него, и покрај тоа што премиерот и лидер на СДСМ се изјасни дека нема потреба од такво нешто, претседателот на Собранието вели која би била смислата на една таква средба, ако нема волја од сите.
„Ќе свикам, но што ако не дојдат сите? Јас не прејудицирам теми за разговор. Тие самите треба да одберат за што да разговараат“,
истакна Џафери.
Претседателот на Собранието вели дека роковите за редовни термини за изборите се јасно, прецизно, пропишани со Устав и со закон, но и дека има простор за договор, но само до крајот на годината.
Роковите за избори, според Џафери, се јасно прецизно пропишани со Устав и закон.
„Следната година е изборна година и треба да има редовни претседателски избори. Според Изборниот законик тие треба да се спроведат во последните 60 дена од тековниот мандат на актуелниот претседател на државата. Петте години истекуваат на 12 мај следната година. Значи изборите треба да се спроведат во последните 60 дена од тој мандат сметајќи од 12 мај наназад, се совпаѓа со 14 март. Што значи прв можен ден за гласање на претседателски избори е 14 март. Прв круг би бил тој, а последен можен термин за втор круг на гласање е од 5 мај до 8 мај“,
објаснува претседателот на Собранието.
Посочува дека во иста година имаме и парламентарни избори.
„Редовниот термин за одржување на парламентарни избори е во последните 90 дена од мандатот на четири години, кој истекува на 4 август. Наназад 90 дена се совпаѓа на 5 мај. Прв ден што може да се гласа на парламентарни избори е на 5 мај, а последен е на 15 јули“,
посочи тој.
Според него, се работи за рокови кои се стриктни.
„Било кој друг датум за одржување на парламентарни избори пред 5 мај се смета за предвремени избори. Ако пред 5 мај се распушти Собрание, а да немате претседател на државата, не може Собранието да работи по распуштањето. Затоа одржувањето на парламентарни избори не е само политичка одлука“,
нагласи Џафери.
Од таа причина, објаснува тој, е потребно да се седне и да се разговара за изборите со политичките лидери.
„Доколку се решат да разговараат. Тоа треба да се направи до крајот на оваа година. Ако не, настапуваат моите уставни обврски од кои нема да отстапам. Ќе одам според роковите, ќе распишам избори, ќе определам ден, кој ќе учествува ќе учествува, кој не не, нивен избор“,
заклучи Џафери.
Посочи и дека на наредната нова седница на почетокот на ноември како точка на дневен ред ќе биде ставена и интерпелацијата за обвинителот Љубомир Јовески.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на лидерска средба.
На средбата, како што посочува Мицкоски, би се разговарало за претстојните избори и за изборниот процес.
Според премиерот Димитар Ковачевски, нова лидерска средба меѓу него и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтегративниот процес.