Заменик-министерот најави и дека кампањата за поддршка на македонските производи постепено ќе се проширува. Тој истакна дека давањето предност на домашните производи ја поддржува економијата и дека тие често се поквалитетни од увозните

Заменик-министерот за економија Марјан Ристески денеска соопшти дека од следната година се планира повеќекратно зголемување на казните за нефер трговски практики, како и други промени во Законот за нефер трговски практики со цел да се зголеми неговата ефикасност.
По работен состанок во Стопанската комора, Ристески ги повика добавувачите и производителите да пријавуваат секакво непочитување на законот во Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) и нагласи дека молчењето им прави контрауслуга на сите. Тој додаде дека законот е клучен за нормализирање на цените на долг рок и за спречување на фаворизирање на увозните во однос на домашните производи.
Ристески најави и дека кампањата за поддршка на македонските производи постепено ќе се проширува. Тој истакна дека давањето предност на домашните производи ја поддржува економијата и дека тие често се поквалитетни од увозните.
„Треба да им даваме предност на македонските производи бидејќи на тој начин индиректно ја поддржуваме македонската економија и производни капацитети. Една од главните цели е зголемување на куповниот менталитет на граѓаните, секогаш да препознаваат македонски производи кои по квалитет некои се и многу подобри од некои увозни производи, а со тоа си помагаме и самите во одржување на животниот стандард бидејќи ќе имаме поконкурентна економија“,
истакна Ристески.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески смета дека цените не треба да се ограничуваат со сила, туку со други механизми и институционално преку стоковите резерви.
Тој вели дека ред на пазарот може да се воведе само на принципиелна основа со еднакви правила.
Во однос на цените во големите маркети кои се членки на Комората и дали таа може да им наложи да ги намалат, Азески рече дека на ниту еден субјект не може да му се нареди што да прави.
„На крајот на краиштата, тие може да го затворат маркетот и да направат штета на сите. Мора да бидеме јасни дека и тие луѓе бараат предвидливост, функционирање на пазарна економија и правна држава“,
додаде Азески.
Ристески смета дека интервенцијата преку стоковните резерви е една од опциите за одржување на стабилни цени и заштита на куповната моќ на граѓаните. Тој вели дека една од планираните промени е во иднина стоковите резерви да се надополнуваат исклучиво со македонски производи.
Тој нагласува дека најважна мерка за нормализирање на цените на долг рок е зголемувањето на домашните производствени капацитети.
Според него, кампањата за поддршка на домашните производи, која започнала од Министерството за земјоделство, е позитивно прифатена од коморите, бизнис-секторот и граѓаните.