Најавата на МВР за затворање на забавниот парк доаѓа три дена откако скопската градоначалничка Данела Арсовска обвини оти фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир без соодветна дозвола и документација за гаранција на безбедноста ги монтирала забавните реквизити пред спортскиот центар во Скопје
Реквизитите во забавниот парк во околината на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе бидат отстранети и дислоцирани бидејќи се поставени без потребните дозволи и документи, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) преку писмено соопштение.

Најавата на МВР за затворање на забавниот парк доаѓа три дена откако скопската градоначалничка Данела Арсовска обвини оти фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир без соодветна дозвола и документација за гаранција на безбедноста ги монтирала забавните реквизити пред спортскиот центар во Скопје.
„Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, на 20.05.2024 година, Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во координација со службени лица од Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од Општина Карпош излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања“,
информираат од МВР.
Од Министерството посочуваат дека при увидот на терен се утврдени неправилности и додаваат дека ќе бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска пред три дена во објава на Фејсбук обвини дека новорегистрирана фирма од Чаир без соодветни документи и дозволи монтира панорамско тркало и други забавни реквизити пред СЦ „Борис Трајковски“. Арсовска посочи дека фирмата продолжила насилно да работи и да ги монтира реквизитите и покрај обидите на Град Скопје да преземе соодветни мерки и ги повика институциите да постапат.