Во одговор на новинарско прашање што ќе биде во фокусот на Антикорупциската комисија по неговото преземање на функцијата, Адем Чучуљ рече дека, меѓу другото, ќе се залага да ги поправи оценките што Европската комисија ги даде за работата на ДКСК
Новиот претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, претпладнево даде свечена заклетва пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, откако вчера со мнозинство од 82 гласа „за“, пратениците го избраа за претседател на Антикорупциската комисија.

По церемонијата во Собранието, тој за медиумите изјави дека му е чест да биде претседател на институцијата од која потекнува и во која изразнал како професионалец. Чучуљ е дел од Антикорупциската комисија изминатите 19 години, а пред изборот на претседателската функција беше генерален секретар на ДКСК.
„Ќе се залагам за транспарентна работа на ДКСК, а како тим ќе бараме одговорност и транспарентност од сите институции. Ние сме институција која го промовира интегритетот и ќе бараме интегритетот да се промовира и унапредува во сите институции. Само со таква заложба и со интегритет на институциите и интегритет на носителите на јавни функции ќе придонесеме за подобро општество и за намалување на корупцијата“,
изјави Чучуљ, додавајќи дека претседателската функција на ДКСК е и голема одговорност со оглед на кои се соочува Комисијата и државата во полето на борбата против корупцијата.
Во одговор на новинарско прашање што ќе биде во фокусот на Антикорупциската комисија по неговото преземање на функцијата, Чучуљ рече дека, меѓу другото, ќе се залага да ги поправи оценките што Европската комисија ги даде за работата на ДКСК. За тоа, како што рече, ќе биде потребни големи напори и работа.
„Ќе се залагам за дигитализација, за превентивните алатки. Во фаза сме на подготовка на новата Национална стратегија, која се изготвува во инклузивен процес, со учество на сите релевантни фактори во државата. Како превентивна алатка се надевам дека ќе биде многу поконцизна и поспроведлива за разлика од претходната. Со тој механизам ќе придонесеме да се отстранат системските слабости кои генерираат корупција. Исто така напоменав дека во фокусот како претседател, се надевам ќе имам поддршка од целата Комисија, да ја зголемиме нашата проактивност во делот проверка на имотната состојба на избраните и именуваните лица бидејќи тоа е една од забелешките во Извештајот на Европската комисија, а е шеста препорака на ГРЕКО“,
додаде Чучуљ.
Изборот на Адем Чучуљ за претседател на ДКСК вчера беше поддржан со мнозинство од 82 гласа „за“ во Собранието. Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата пред две недели едногласно го предложи Адем Чучуљ за претседател на ДКСК откако тој доби најголем број поени од сите 10 кандидати кои ги оценуваше Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК.
