Од Здравство потенцираат дека заедно со инспекторите ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе врши вонреден инспекциски надзор во врска со починато новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство.
По вонредните контроли, од Министерството за здравство велат дека ќе биде направен и стручен надзор.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор“,
се наведува во соопштението од министерството.
Оттаму потенцираат дека заедно со инспекторите ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај. Исто така, информираат дека ќе бидат споделени информациите и од преземените активности од стручен аспект.
Од министерството велат дека треба да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход и до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи“,
додаваат од Здравство.
Во соопштението се додава дека Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација и оти веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана.
