„Секторот за инспекциски надзор постапува по неколку пријави, вклучително и по пријавата за објектот што го посочувате и верувајте дека во Гази Баба нема да има толеранција и ќе го спроведеме законот до крај“ – вели Бобан Стефковски откако тој и Општината претходно речиси два месеца ги игнорираа прашањата на „360 степени“ за конкретната дивоградба

Објектот со црна фасада и стакла, изграден на диво позади поликлиниката во Ченто, е предмет во рацете на инспекторите во Општина Гази Баба и за него се постапува по поднесена пријава. Градоначалникот Бобан Стефковски по речиси два месеца молк, денеска на јавен настан одговори на прашањето на „360 степени“ за овој случај, за кој уште претходниот градоначалник пред две години најави дека ќе се урива. Со образложение дека прашањата од „360 степени“ не стигнале до него, Стефковски денеска рече дека останува на ставот за уривање на дивоградбите во неговата општина.
„Јас, како градоначалник, во неколку наврати повторив дека нема да дозволам дивеење во Општина Гази Баба и дека законот ќе важи за сите, без разлика на припадноста – дали политичка, верска, партиска итн. Секторот за инспекциски надзор постапува по неколку пријави, вклучително и по пријавата за објектот што го посочувате и верувајте дека во Гази Баба нема да има толеранција и ќе го спроведеме законот до крај. Во таа насока, ќе се реализира отстранување на сите дивоградби кои се започнати надвор од законските процедури и за коишто имаме соодветни пријави“,
рече Стефковски.

Како што претходно објави „360 степени“, според документите што ги обезбедивме од Катастарот, до 60-тите години земјиштето на кое се наоѓа денешниот објект и околината биле во сопственост на физичките лица Шабан и Амдија Бајрам. Во 1963 година државата го национализира и потоа го дава на употреба на Дирекција за станбена и комунална изградба Скопје. Низ годините, на местото се подигнати бараки, но од документите не може да се види како точно е направено тоа. Во 2019 година Општината Гази Баба носи решение за легализација на дел од бараките со право на сопственост на име Душан Филиповски. Следната, 2020 година, Општината го легализира и остатокот од бараките, со право на сопственост на лицето Чедо Филиповски. Земјиштето под објектите останува во државна сопственост.
Набргу по правосилноста на втората легализација, истата таа 2020 година, двајцата членови на семејството Филиповски ги продаваат објектите на исто лице – Исни Адеми, жител на Општина Гази Баба. Земјиштето, повторно, останува во државна сопственост. Во мај 2021 година некој ги урива бараките, го оградува државното земјиште и почнува да гради нов објект.
Тогашната администрација во Гази Баба, на чело со градоначалникот Борис Георгиевски од редовите на СДСМ, соопшти дека Општината издала решение за престанок на градба кое инвеститорот, очигледно, не го испочитувал.