Северна Македонија се приклучи на земјите кои ги забранија летовите од и до Велика Британија откако тамошните власти информираа за појавата на нова мутација на коронавирусот, но засега нема официјална информација дека утрешните летови се одложени.
Информацијата за забраната на прес-конференција ја потврди и премиерот Зоран Заев, кој рече дека по одржувањето на Главниот кризен штаб е донесена одлука за забрана на сите летови од Велика Британија во Северна Македонија до крајот на годинава.
„Визер“ има редовна авионска линија на релација Скопје-Лондон-Скопје, а од “ТАВ Македонија”, компанијата која управува со аеродромите во Скопје и Охрид велат дека немаат добиено известување за одложување на летовите.
„До 14:30 часот денеска, ТАВ Македонија нема добиено официјална најава од државата за забрана на летови од Велика Британија, ниту пак имаме најава од авиокомпанијата за откажување на летовите од Лондон (Лутон) до и од Меѓународниот аеродром Скопје, закажани за следните денови – утре 22 декември, 24 декември и 29 декември. Ако добиеме најава за откажување од страна на авиокомпанијата, веднаш ќе ја информираме јавноста преку секцијата насловена ’Летови‘ на нашата веб-страница, каде што сите промени во редовниот распоред на летови се прикажуваат во реално време, како што ги добиваме од авиокомпаниите. Дополнително, би сакале да ве информираме дека кога еден лет е откажан, авиокомпаниите се оние кои ги информираат патниците кои резервирале авиобилети за тој конкретен лет, оттука доколку се откажат летовите од Лондон (Лутон), патниците на тие летови ќе бидат известени од самата авиокомпанија“,
велат од “ТАВ Македонија”.
На веб-страницата, пак, засега нема информација за одложување на утрешните летови. Првиот на релација од Скопје до Лондон е закажан за 6:35 часот, додека од Лондон во Скопје слетување е најавено во 13:50 часот.
И на веб-страницата на „Визер“ засега нема објавено информација за откажување летови, а авионски билет за утре од Лондон до Скопје може да се купи за 432 евра.
Покрај одлуката за забрана за летови, денеска Комисијата за заразни болести предложи 14 дена карантин за сите граѓани кои ќе пристигнат од Велика Британија во земјава.