Рокот за поднесување на барањето за легализација е шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот
Со предлог-законот за бесправно изградени објекти, кој вчера го усвои Владата, ќе се легализираат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година, со исклучок на тие што се изградени во границите на Охридскиот Регион и заштитените подрачја, како и згради, доградби и надградби на згради, времени и помошни објекти.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска соопшти дека се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација. За објект со површина до 80 квадратни метри висината на надоместот се зголемува за 50 проценти, како казна за бесправното градење, а за објект од над 80 метри се зголемува за 100 проценти. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. Од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓани кои имаат до 180 илјади денари нето годишен приход.
„Ова е нов закон, различен од претходниот за кој јавноста реагираше и веднаш морам да потенцирам дека при креирање на овој закон се земени предвид речиси сите предлози на граѓанските здруженија, коморите, асоцијациите и сите засегнати страни. Исто така законот го услогласивме и со другите државни институции и сметаме дека креиревме квалитетно законско решение со кое ќе се обидеме да ставиме крај на изградбата на бесправни градби и узурпацијата на просторот. Од друга страна со законот нудиме и фер услови за сите оние граѓани кои претходно немале можност да ги легализираат своите домови“,
рече на прес-конференција Бочварски.
Со законот, како што рече Бочварски, се очекува да се заокружи процесот на легализација на бесправни објекти во државата.
Тој потенцира дека нема да може да се легализираат бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион, а за кои е утврдено дека не се во согласност со Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, изградени во граници на заштитени подрачја и тоа Зона за строга заштита и Зона за активно управување, изградени во споменичката целина на старото градско јадро на Охрид, изградени во подрачје на заштитено недвижно културно наследство, изградени во подрачје во кое се врши или е планирана експлоатација на минерални суровини.
Исто така, нема да се легализираат и дивоградби изградени во заштитни зони на аеродроми, изградени во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, изградени на сообраќајници и на подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон, изградени во заштитен појас на државни и локални патишта и во заштитен појас на железничка инфраструктура, изградени на земјиште за кое во Катастарот на недвижности е запишано право на хипотека. Не може да се легализираат ниту згради како и доградби и надградби на зградите со намена А2, како и сите видови на времени објекти (базени, гаражи), сите видови на урбана опрема и помошни објекти кои се во функција на друг објект.
Еден барател ќе може да легализира само еден објект. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. И со ова, потенцираше Бочварски, не дозволуваме можни злоупотреби со изјавата на нотар, нешто што беше случај во претходниот закон.
„Во однос на надоместот за легализација е предвиден скалест начин на пресметување. За објект со површина до 80 метри квадратни висината на надоместокот се зголемува за 50 проценти, како казна за бесправното градење, а за објект со површина над 80 метри надоместот се зголемува за 100 проценти. Надоместот за легализација на електронски комуникациски мрежи ќе изнесува по 10 евра од метар изградена површина“,
рече Бочварски.
Тој информираше дека го зголемуваат опфатот на граѓани и целни групи кои нема да плаќаат надомест за легализација на бесправно изграден објект. Со тоа, посочи, излегуваме во пресрет на социјално загрозените лица и граѓаните со приходи до 180 илјади денари нето годишен приход, со тоа што овие категории граѓани ќе бидат ослободени од надоместот за легализација.
„Овој закон е исклучително важен за решавање на правниот статус на голем број на инфраструктурни проекти низ државата, електронски комуникациски мрежи и кабелска канализација, преку поедноставена постапка која што ќе ја води Агенцијата за катастар на недвижности“,
потенцираше Бочварски.
Рокот за поднесување на барањето за легализација е шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот.