Планерската фирма веќе изработува, а Општина Аеродром наскоро ќе ја објави новата ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план кој ќе биде изложен на јавна анкета, информираат од Општината
Откако Комисијата за урбанизам на Општина Аеродром прифатила најголем дел од забелешките кои жителите на населбата Лисиче ги имале за Деталниот урбанистички план (ДУП) за оваа населба, планерската фирма веќе почнала со изработка на нова, ревидирана верзија на ДУП за дел од населбата Лисиче покрај булеварите „Србија“ и „12. Македонска бригада“ кој потоа ќе биде повторно на јавна анкета.
„По завршување на јавната анкета, планерската фирма веќе изработува, а Општина Аеродром наскоро ќе ја објави новата ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план, кој како и досега во рамките на отворена и транспарентна постапка ќе биде изложен на јавна анкета и истиот ќе биде презентиран пред граѓаните и медиумите“,
се вели во денешното соопштение од Општина Аеродром.
Оттаму нагласуваат дека интересот на граѓаните е приоритет во носењето на сите одлуки во Општина Аеродром, вклучително и оние од областа на урбанизмот.
„Одлуките кои ги носи Општина Аеродром имаат единствена цел, решавање на клучните проблеми и подигнување на квалитетот на живеење во општината. Финалната верзија на Деталниот урбанистички план за овој дел од општината ќе биде направен, во согласност со потребите и барањата на граѓаните“,
се додава во соопштението.
Од Општина Аеродром, по завршувањето на јавната анкета, информираа дека биле поднесени над 100 анкетни листа со забелешки од граѓаните, а кои Комисијата за урбанизам ќе треба да ги разгледува и да одлучи за нив.
„Да го зачуваме Лисиче“ утре на протест
Жителите на населбата Лисиче, пак, преку социјалните мрежи повикуваат на протест кој е планирано да се одржи утре.
„Ние жителите на Населба Лисиче ве повикуваме на протестна блокада на булевар Србија на 14.6.2023 со почеток во 17:30 часот. Заедно да кажеме стоп на урбаната мафија и насилната бетонизација која ни следува. Ги повикуваме сите граѓани кои се гневни на градежниот геноцид кој му се случува на Скопје, да дојдат и заедно да спречиме населба Лисиче да стане дел од таа приказна“,
пишува во објавата на иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ на Фејсбук.
Деталниот урбанистички план за населбата Лисиче се актуализира пред два месеца кога „Призма“ објави дека на локација на која сега има куќи се испланирани девет нови згради.
Три од зградите во ДУП беше наведено дека ќе бидат на осум нивоа (приземје, шест ката и поткровје) покрај булеварот „Србија“, на земјиште што сега е главно неизградено и каде што работи еден автоплац за користени возила. Пет згради се нацртани покрај булеварот „12. Македонска бригада“, на места каде што сега има изградени куќи. На аголот меѓу булеварите, Деталниот урбанистички план предвидуваше најголема зграда од 12 нивоа.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, тогаш велеше дека информациите што се пласираат во јавноста во врска со процесот на донесување на Детален урбанистички план (ДУП) за дел од населбата Лисиче се лажни вести, дезинформации и неосновани обвинувања од политичките ривали.
Според него, на локацијата на која е предвиден новиот ДУП во Лисиче, не станува збор за изградба на стотици згради и некаква бетонизација туку дека тоа е Детален урбанистички план со кој се предвидени 95 отсто објекти за индивидуално домување и само неколку колективни станбени згради. Ова, според Муцунски, е и ДУП кој првпат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче од над 2 000 квадратни метри.
Муцунски тогаш рече дека ДУП пред да биде донесен оди на мислење во Град Скопје и во Министерството за транспорт и врски и дека Општината не е таа што го има крајниот збор дали овој ДУП исполнува или не одредени законски услови.