Идејата потекнува од градоначалникот Жарко Миќин, но од опозицијата се против бидејќи сметаат дека владејачката партија треба да преземе одговорност за корупцијата која довела до трагедијата

Собранието на Нови Сад ја прифати иницијативата на градоначалникот Жарко Миќин за поставување споменик на загинатите при падот на бетонската натстрешница на железничката станица во кој животот го загубија 16 лица.
Иницијативата претходно беше прифатена и позитивно изразена од градскиот Завод за заштита на спомениците на културата и Институтот за урбанистичко планирање.
Миќин изјави дека претходно се консултирал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и е предложено на местото на несреќата да се постави споменик, што би претставувал „трајна материјална трага во културата на сеќавањето и кој, како основни елементи, мора да ги содржи напишаните имиња на жртвите и повредените, како и информации за трагичниот настан“.
Советниците од опозицијата ја напуштија седницата каде што се дискутираше за споменикот на жртвите и бараат градоначалникот да ја повлече иницијативата, затоа што сметаат дека таа не треба да доаѓа од членови на владејачката СНС, кои според опозицијата, се одговорни за трагедијата, поради корупцијата за време на реновирањето на железничката станица.
При уривањето на бетонската натстрешница на 1 ноември лани, 16 лица ги загубија животите, а едно лице беше тешко повредено.

Бетонската натстрешница на железничката станица во Нови Сад падна четири месеци по реконструкцијата на зградата на станицата. Спасувачите извлекоа 14 тела и три тешко повредени лица од урнатините, од кои двајца подоцна починаа.
Оваа трагедија предизвика масовни протести во Србија на кои се бара одговорност од власта.