Како што се наведува во владиното соопштение, главните задачи на опративниот тим ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво. Дополнително, донесен е и заклучок со кој се зајакнува комуникацијата со партнерски институции во делот на проценката на отпорност и заштита на системот
Како одговор на континуираните лажни дојави за бомби во земјава, Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница на денешната седница донесе заклучок за формирање на оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани со кој ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Опративниот тим, како што информира Владата, ќе биде составен од експерти од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање, а по потреба предвидено е да бидат вклучени и други институции и експерти.
Како што се наведува во владиното соопштение, главните задачи на опративниот тим ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво.
„Меѓу другото, донесен е и заклучок со кој се зајакнува комуникацијата со партнерски институции во делот на проценката на отпорност и заштита на системот“,
додаваат од Владата.

На денешната седница со Советот, предводен од премиерот Димитар Ковачвски, како што додаваат од Владата, е констатирано дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и не постојат реални закани по безбедноста на граѓаните.
„Безбедносно-разузнавачката заедница е во секојдневна меѓусебна комуникација и координација, како и со меѓународните партнери од безбедносниот сектор со кои постојано работат на размена на информации и искуства во справувањето со хибридните закани“,
нагласуваат од Владата.
На седницата на Советот, покрај премиерот Ковачевски присутни биле и првиот вицепремер Артан Груби, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, раководителот на Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање полковник Ивица Ампов и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.
Денешната седница на Советот претходно денеска ја најави премиерот Ковачевски како одговор на континуираните лажни дојави за поставени бомби.
Денеска дојави за поставени бомби добија 15 училишта во Скопје – 13 средни и две основни училишта.
Во дел од училиштата, како што информира МВР доцна попладнево, во овој момент се завршени проверките од полициските екипи, при што е утврдено дека дојавите за бомби се лажни. Во останатите училишта, пак, проверките се сè уште во тек.