Засега, како што велат од Обвинителството, нема докази дека жртвите биле силувани. Мотивот на двете убиства засега не е познат, а и натаму се чека најавеното психијатриско вештачење врз 25-годишникот за да се утврди неговата состојба
Уште една повозрасна жена ќе биде ексхумирана во рамките на истрагата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово против 25-годишниот Т. Б. од село Малотино, која освен за едно, сега е проширена за уште едно кривично дело убиство, за кое Кривичниот законик предвидува доживотна казна затвор.
Првото убиство, за кое обвинителството отвори истрага на 20 февруари, се однесува за 78-годишна жена од селото Челопек, а второто, со кое ОЈО Куманово сега ја проширува истрагата за осомничениот, се однесува на жена родена 1989 година, за чие тело пред две недели беше наредена ексхумација.
Ова на денешниот брифинг со новинарите го соопштија кумановскиот обвинител Љубомир Лапе, кој постапува по предметот, и шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани.

„ОЈО Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка за истото лице со што фактички ја прошири истрагата за уште едно кривично дело убиство кое согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик е предвиден доживотен затвор. Може да ја известиме јавноста дека во наредните денови е предвидена и уште една ексхумација за уште една жртва за која се сомневаме дека е жртва од кривично дело“,
изјави обвинителот Љубомир Лапе за медиумите.
Жената чие тело беше ексхумирано, според наводите на обвинителот, била убиена во периодот од 17 и 18 јануари годинава. Осомничениот ја искористил околноста дека е сама, влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ повеќе удари во главата и телото, по што таа починала. Од форензичките траги земени при ексхумацијата на нејзиното тело, утврдено е дека станува збор за истиот сторител.
Засега, како што велат од Обвинителството, нема докази дека жртвите биле силувани.
„Мотивот сè уште не е утврден. Чекаме да ја утврдиме и психичката состојба на осомничениот. Наредено е психијатриско вештачење кое треба да се спроведе следните недели и кое повеќе ќе ни укаже за состојбата“,
посочи обвинителот Лапе на денешниот брифинг со новинарите.
Од кумановското обвинителство не откриваат од кое место е потенцијалната трета жртва за која е наредена ексхумација, ниту, пак, кога била лишена од живот. Вакви информации, како што велат, може да се очекуваат по завршувањето на ексхумацијата. Единствено потврдија дека се работи за жена во повозрасни години.
Шефицата на кумановското обвинителство и обвинителот кој го води предметот најавија опсежна истрага и испитување на сите, па дури и на најмалку сомнителните настани поврзани со случајот.
Велат дека истрагата во моментов се води само кон 25-годишникот, но се испитува дали и други лица имале некаква улога во случаите. Ќе се истражува дали полицијата постапувала во врска со пријавите за вознемирување кои, според наводите на медиумите, биле поднесени од страна на 35-годишната жена пред да биде убиена, но и постапувањето на лекарите кои констатирале ненасилна смрт кај младата жена.
„МВР доби наредба да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци, сите можни настани врз основа на кои понатаму ќе утврдуваме што е пријавено, кој постапил, кој не постапил, додека немаме увид во сите овие материјали, не можеме да зборуваме“,
изјави обвинителот Лапе на денешниот брифинг.
Осомничениот 25-годишник во моментов се наоѓа во притвор во кумановскиот затвор.
