Доверливиот материјал, кој ги вклучува гласачките ливчиња и Избирачкиот список, од ОИК ќе биде проследен до Избирачките одбори. Целата дистрибуција ќе се одвива со постојано и целосно обезбедување од припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР), кои ќе го чуваат материјалот до самиот ден на гласањето

Утрово од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола се очекува да започне дистрибуцијата на доверливиот изборен материјал кон Општинските изборни комисии (ОИК), за гласањето на локалните избори 2025 што ќе се одржи в недела.
Доверливиот материјал, кој ги вклучува гласачките ливчиња и Избирачкиот список, од ОИК ќе биде проследен до Избирачките одбори. Целата дистрибуција ќе се одвива со постојано и целосно обезбедување од припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР), кои ќе го чуваат материјалот до самиот ден на гласањето.
Вкупниот број гласачи запишани во Избирачкиот список за овие локални избори изнесува 1 832 415. Испечатени се по 1 832 415 гласачки ливчиња за градоначалник и за советници. Дополнително се испечатени ливчиња за градоначалник на Град Скопје и за советници, каде право на глас имаат вкупно 474 304 избирачи.
Од вкупниот број гласачи, 1 717 803 се запишани во изводите на Избирачкиот список. Право на глас имаат и 112 000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2 162 лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор и 450 избирачи од домовите за стари лица. Согласно Изборниот законик, нема гласање во дијаспората за локални избори, па доколку овие гласачи сакаат да го дадат својот глас, треба да допатуваат во земјава за да гласаат.
За печатење на избирачките ливчиња првично се предвидени 48 милиони денари, но конечната сума ќе биде позната по одржувањето на евентуалниот втор круг на изборите.
Гласачкиот процес започнува в сабота, 18 октомври, кога гласаат болните и немоќните лица, затворениците, притворените и лицата во домовите за стари лица.
За овие избори се пријавени околу 9 000 болни и немоќни лица, што е зголемување во однос на претходните избори во 2021 година. Исто така, в сабота ќе гласаат и 2 162 затвореници и 450 избирачи од домовите за стари лица.
В недела, 19 октомври, гласањето за сите други избирачи ќе се одвива од 7 до 19 часот. Гласањето е тајно и се врши само еднаш, а и на овие избори за идентификација на гласачите ќе се користат апаратите за биометриска идентификација.
Овие локални избори се осми од независноста на државата и четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.