На прашањето дали има креативни решенија доколку Бугарија не сака да разговара или да репреговара за уставните измени, Мицкоски посочи дека треба да почекаме да се избере политичка влада во Бугарија, па потоа да отвориме дијалог, зашто смета дека сме соседи и треба да градиме добри соседски односи
Ние сме за решение, ние сме за одблокирање на евроинтегративните процеси и ќе работиме посветено на таа агенда, но од другата страна треба да имаме партнер со кој ќе може да комуницираме. Во Бугарија се закажани избори за октомври, до тогаш тие имаат техничка влада. Потоа се надевам дека ќе има политичка влада и дека со таа политичка влада ќе можеме да седнеме на маса и ќе најдеме заедничко решение, со кое конечно ќе се тргне децениската блокада која ја имаме како држава во евроинтегративниот процес. Ова денеска на прес-конференција со Орхан Муртезани, министерот за европски прашања го изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го прашањето за рокот од шест месеци за уставните измени на коалицијата „Влен“, посочувајќи дека нивниот став е познат, но и принципиелен, односно, како што рече, за се треба да биде како двонасочна улица.
Според него, граѓаните кај нас се соочија со таков тип барања и понижувања како ниедни други граѓани кои се дел од сите земји кои порано беа дел од источниот блок кога пристапуваа кон членството во Европската Унија.
„Речиси 20 години сме кандидати за членство во ЕУ, а речиси 25 години поминаа откако го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација, дури и пред некои земји кои сега се членки на ЕУ. За жал, поради непринципиелни барања и поради домашни политичари кои, на сметка на сопственото богатење и корупција, прифаќаа се и сешто, ние не сме во можност да продолжиме понатаму“,
вели тој.
Посочи дека на ова прашање остануваат посветени, како и дека реформскиот план е она за кое денеска зборуваме и е дел од ЕУ-агендата.
„Продолжуваме понатаму да работиме за полноправно членство во Европската Унија, ќе ги решаваме домашните проблеми, ќе правиме реформи. Тоа што е до нас ние ќе го завршиме, но за жал тој процес не зависи само од нас“,
рече премиерот.
На прашањето дали има креативни решенија доколку Бугарија не сака да разговара или да репреговара за уставните измени, Мицкоски посочи дека треба да почекаме да се избере политичка влада во Бугарија, па потоа да отвориме дијалог, зашто смета дека сме соседи и треба да градиме добри соседски односи.
„Впрочем имаме и таков Договор за добрососедство кој треба да биде основа за да можеме да продолжиме понатаму. Додатоците од типот на Француски предлог можат да имаат уште еден додаток – Француски предлог плус итн.. Убеден сум дека нашиот источен сосед ако го гледа и својот интерес ќе му стане јасно дека процесот на преговори мора да почне за нас ако сакаме да имаме една целина како Балкан која ќе биде дел од Европската Унија. Убеден сум дека таму има политичари кои тоа сакаат да го видат“,
вели Мицкоски.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вели дека уставните измени се тема за која се разговарало во текот на формирањето на Владата, како и дека тоа се правело без да биде ставено на маса како ултиматум, туку како грижа за да се забрза интеграцијата на земјава во Европската Унија.
„Сакавме да дадеме дополнителна динамика на почетокот на работата на Владата за сите заеднички да се фокусираме како да најдеме заедничко решение. Има многу големи и чести средби помеѓу претставниците на Владата и пошироко. Сметам дека за проблемот на уставните измени, кој не зависи само од нас, ќе се најде решение кое дефинитивно ќе го одблокира патот на земјава кон Европската Унија“,
рече тој.
Бугарскиот амбасадор во заминување Ангел Ангелов вчера прашан за коментар на изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски дека очекува што побрзо формирање политичка влада во Бугарија со која ќе може да се дискутира на повеќе нивоа, рече дека не може да има преговори за нешто што е веќе договорено, како и дека тоа што е договорено мора да се испочитува и исполни.