„Контролите ќе продолжат и понатаму. Тие течат, никогаш и не престанаа. Воочени се огромни неправилности, кај конкретно од 70 до 80 отсто од објектите. Не зборувам за исклучоци, туку за пракса која функционирала и повеќе нема да функционира“, рече Мицкоски објаснувајќи како течат инспекциските контроли на угостителските објекти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Радовиш најави дека се разработува акциски план да се прогласи мораториум, со цел угостителските објекти да ги отстранат неправилностите при вршење на дејноста. Од досегашните контроли, посочи дека се воочени огромни неправилности во работата кај голем број објекти. Инспекциските контроли во угостителските објекти следат по пожарот во дискотеката во Кочани на 16 март, во кој загинаа 59 лица.

„Контролите ќе продолжат и понатаму. Тие течат, никогаш и не престанаа. Воочени се огромни неправилности, кај конкретно од 70 до 80 отсто од објектите. Не зборувам за исклучоци, туку за пракса која функционирала и повеќе нема да функционира“,
рече тој.
Посочи дека ресурсите и алатките со кои располагаат се ограничени, но дека и покрај тоа ќе продолжат да ја истераат оваа работа до крај.
„И не само оваа работа, туку да спречиме да не ни се повторуваат немили случувања и во иднина“,
кажа премиерот.
Во тек се контроли во јавни објекти низ државата за проверка на документацијата, исполнување на обврските од лиценците и дозволите, на технички услови за работа и безбедносните стандарди.
Општините се координираат преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) за проверки на градинките, училиштата, спортските сали, културните домови, но и сите угостителски објекти.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) почна антикорупциска проверка на Законот за угостителска дејност, на Законот за заштита и спасување, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за локална самоуправа, како и на други закони, со цел да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при спроведување на соодветните постапки поврзани со издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објект, како и во делот а вршење надзор на истите.