Партиското собрание на крилото на Арбен Таравари денеска препорача да се направат сите обиди за заеднички настап на претстојните локални избори со другите партии од коалицијата ВЛЕН. Самиот Арбен Таравари, по завршувањето на собранието, додаде дека ако не се постигне договор партијата ќе настапи сама
ТВ Алсат објавува и дека последната понуда од другите партнери во ВЛЕН е Арбен Таравари да добие 35% од местата на советничките листи, а предлогот нуди и делумна поделба на кандидатските места за градоначалници
Собранието на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари го задолжи партиското раководство да ги направи сите можни напори за заеднички настап на претстојните локални избори со другите партии од коалицијата ВЛЕН, јави ТВ Алсат.
Лидерот Таравари ги соопшти следните чекори врз основа на донесените одлуки на собранието, но повторно кажа дека партијата не е без резервни опции.

„Веднаш, следната недела, ќе организираме средби со ограноците за да ги слушнеме пораките од нив. Нè интересира што мислат гласачите, не само членството, бидејќи овде ја добивме пораката од членството, но заинтересирани сме и за гласачот. Затоа што, независно што ќе одлучиме, каква поделба и да направиме, со кого и да ја направиме таа поделба, на крај гласачите се тие што ценат и треба да бидат мотивирани да излезат и да гласаат за опцијата која Алијансата за Албанците ќе ја избере“,
изјави Арбен Таравари, пренесува ТВ Алсат.

На собранието била разгледана последната понуда која партијата ја добила од другите лидери на ВЛЕН за претстојните локални избори. Како што пишува ТВ Алсат, понудата е крилото на Арбен Таравари да добие 35% од местата на листите за советници, како и можност да кандидира градоначалник во пет општини.
Тие преговори, патем, не ги водат лидерите на ВЛЕН, туку пратениците во Собранието.
„Ни ја дадоа оваа понуда преку пратениците. Не знам како се поделени меѓу нив. Да видиме каква е поделбата, што добива Беса, што добива Демократско движење, што добива Алтернатива. Ова е многу важно за нас. Ние, исто така, ќе имаме две понуди… Понудите ги подготвува посебна група која ќе биде назначена од партијата. Ќе имаме две опции. Едната кон ВЛЕН, другата ако не успееме, со сопствена листа“,
изјави Арбен Таравари.
Како што пишува Алсат, освен за советниците, лидерите на ВЛЕН дале предлог и за распределба на кандидатските места за градоначалници. Демократско движење, Беса, Алтернатива би добиле кандидат во три општини и потенцијално четврта, додека АА на Таравари би добила кандидат во четири општини со опционална петта. Дополнителен поттик за Таравари се смета и дека две од „сигурните“ општини ќе бидат урбани.
Понудата е АА на Таравари да има кандидати во:
- Гостивар
- Струга
- Врапчиште
- Една од општините Липково/Арачиново/Студеничани
- Една од општините Брвеница/Чашка
Односите меѓу Арбен Таравари и лидерите на трите други партии кои го сочинуваат ВЛЕН и се заедно во владата предводена од Христијан Мицкоски се заострени во последните неколку недели. Главна точка на конфликт е заедничкиот настап на претстојните локални избори.
Во неодамнешен настап на „360 степени“, Таравари јавно го критикуваше функционирањето на коалицијата и нивната ефикасност во Владата. Отиде дотаму што кажа и дека дел од директорските, па и министерските позиции, не се пополнети со соодветни кадри. Тоа само ги засили шпекулациите дека не се во прашање само локалните избори, туку дека е можен распад на коалицијата на партии на Албанците кои се во Владата. Па дури и дека Таравари договара соработка со ДУИ.
Во гостувањето на „360 степени“ тој призна дека имал контакти со опозициската ДУИ, но не повеќе од контактите кои ги имаат другите коалициски партнери од ВЛЕН. Тие, пак, веднаш му возвратија – немале никакви контакти со ДУИ.