Мицкоски рече дека има индиции за „скриени маркетинг-услуги“, истражувања на пазарот и слични наплати што дел од маркетите ги бараат од производителите и дистрибутерите. Овие трошоци, рече тој, потоа се пренесуваат на граѓаните преку повисоки цени
На прашањето дали се размислува за „новогодишна кошничка“ или за други интервенции врз цените, Мицкоски рече дека такви мерки нема да бидат воведени

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека базната инфлација овој месец бележи мал пораст во споредба со претходните периоди, што, според анализите, првенствено се должи на поскапувањето на овошјето.
Како одговор на ова, тој најави дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), заедно со Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), повторно се излезени на терен за детална инспекција на маркетите. Целта е да се констатира дали има картелско здружување и договорно утврдување цени меѓу трговските синџири.
„Точно е дека овој месец базната инфлација е малку поголема од претходните. Тоа претежно се должи во делот на овошјето. Тоа го анализираме. Истовремено, Државниот пазарен инспекторат повторно е излезен на пазарот, заедно со Комисијата за заштита на конкуренцијата, уште еднаш да направи детална инспекција на маркетите, да го констатираме нивното однесување“,
изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека веќе се лоцирани трговските субјекти кои организираат вакво „картелско однесување“. Тој потсети дека првичните парични казни изречени од КЗК минатиот месец биле со предупредувачки карактер.
Мицкоски изрази очекување дека цените ќе се стабилизираат во наредните месеци.
„Очекувам да дојде до смирување во декември, јануари, февруари, а доколку не се случи тоа, ќе одиме чекор понатаму“,
рече тој без да прецизира за какви конкретни, поригорозни мерки станува збор.
На прашањето дали се размислува за мерки како „новогодишна кошничка“ или други интервенции врз цените, Мицкоски рече дека такви мерки нема да бидат воведени.
„Ги анализираме сите аспекти, но било каков интервенционизам ќе значи само префрлање во другите месеци, искуството тоа го покажа. Да можеби во тие месеци ќе има поевтина цена, но трговците тоа подоцна го пренесуваат во следните месеци и на крај нето цената што ја плаќаат граѓаните е повисока. Таа е анализата што ја направивме, а која е резултат на овие кошнички. И, не само тука, сите оние земји што примениле таква анализа дошле до тој заклучок. Она што е важно ние да го направиме е да излеземе на терен и тоа го правиме“,
кажа Мицкоски.
Премиерот, исто така, апелира до производителите и дистрибутерите јавно да проговорат за нефер трговска пракса за која како влада имаат индиции.
Мицкоски рече дека има индиции за „скриени маркетинг-услуги“, истражувања на пазарот и слични наплати што дел од маркетите ги бараат од производителите и дистрибутерите. Овие трошоци, рече тој, потоа се пренесуваат на граѓаните преку повисоки цени.
„За жал до овој момент имаме само индиции и никој не сака да посведочи. Кога би посведочил, на нас би ни било многу поедноставно во делот на истрагата. Сè додека немаме некој што ќе го потврди ова, а имаме индиции и јасно се гледа во одредени фактури, не можеме против тоа да се бориме“,
рече тој.
Минатиот месец, Комисијата за заштита на конкуренцијата им изрече парични казни на пет трговски друштва во износ од по 50 илјади евра, како и на Стопанската комора (ССК) со нешто над 18 илјади евра, поради договорно формирање цени и нарушување на пазарната конкуренција.
