Првиот човек на РКЕ нагласува дека УЈП, Финансиската полиција и останатите институции веќе се известени за малверзациите кои се детектирани од страна на РКЕ со фиктивни договори за да се вратат на регулираниот пазар

Кога ќе ја носиме новата одлука за цената на електричната енергија на регулираниот пазар што ќе важи од 1 јули годинава ќе направиме се за да се спречат малверзациите кои можат да влијаат на зголемување на цената што ја плаќаат домаќинствата, порача вечерва претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Ова што го прават општините ниту е етички ниту, пак, морално. Кога беа намалени цените на слободниот пазар, општините штедеа – тогаш беше во ред. Сега кога се зголемија веднаш се прават малверзации за да се вратат на регулиран пазар. Има и компании кои прават фиктивен договор па се враќаат на регулираниот пазар. Сега кога ќе ја носиме одлуката нема да дозволиме овие непредвидени трошоци направени во најмала рака на некоректен начин да удрат на грбот на домаќинствата. Затоа при носење на одлуката на цената РКЕ ќе преземе сè што е во наша надлежност за да не бидат оптоварени домаќинствата со овие малверзации на општините и компаниите. Ако е криза за сите е криза“,
рече Бислимоски.
Тој нагласи дека Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и останатите институции веќе се известени за малверзациите кои се детектирани од страна на РКЕ со фиктивни договори за да се вратат на регулираниот пазар.
„Од октомври минатата година сите македонски компании на слободниот пазар се соочуваат со реално зголемени трошоци за набавка на електрична енергија. На 90 отсто од нив не им текна да прават вакви финти. Зборувам за компании и општини кои потпишуваа фиктивни договори“,
потенцира Бислимоски.