„Не се вистинските намери Бугари во Уставот, тоа е најмалиот проблем. Таму многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Европа и светот можеа да видат дека не е Бугарите во Устав вистинската намера на официјална Софија, туку многу повеќе од тоа“, вели премиерот
Денеска ќе му биде врачен демарш на амбасадорот на нашиот источен сосед, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како го коментира случајот со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која при нејзината посетата на Софија беше повикана од бугарскиот претседател Румен Радев да се фотографираат пред бугарски знамиња, без да биде поставено македонското знаме.
„Во минатото кога се понижуваше и се распродаваше македонското достоинството, тогаш се молчеше, се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие кои не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој дипломатски начин и се испраќаат протесни ноти. Нема повеќе да имаме меѓународна ниту дипломатска политика со свиткана кичма. Кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Ако не реагирате тогаш, исклучокот ќе стане пракса“,
вели Мицкоски.
Она што е поважно, како што вели, е што Европа и светот можат да видат на отворена сцена, кои се вистинските намери на водството во Софија.
„Не се вистинските намери Бугари во Уставот, тоа е најмалиот проблем. Таму многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Европа и светот можеа да видат дека не е Бугарите во Устав вистинската намера на официјална Софија, туку многу повеќе од тоа“,
рече тој.
Посочи дека секогаш на добрососедските односи се подготвени да возвратат со добрина, но тогаш кога ќе се поминат црвените линии смета дека мора да се интервенира.
„Денеска тој демарш ќе му биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“,
вели премиерот.
На прашањето зошто македонската дипломатија веднаш не реагирала, уште кога била во Софија, Мицкоски рече дека во реакцијата од кабинетот на претседателката јасно стоело зошто дента не е реагирано, односно поради почитта на трагично загубените животи на пилотите.
„Не сакавме да создаваме тензија. Добро е што и денеска се реагира. Порано не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи. Тогаш ни беше убаво и тоа беше европска вредност. Секогаш кога ќе биде поминатата црвената линија ќе реагираме. Сакаме да градиме добрососедски односи, но тоа е двонасочна улица“,
вели Мицкоски.
За тоа кога ќе продолжат разговорите со бугарските историчари, премиерот вели дека очекува во духот на пријателство и добрососедството објективно да се преговара и договара.
„Тоа се процеси што траат со децении. Имавме такви примери во Европа, така што секое избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тоа избрзани одлуки можат да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух, членовите на комисиите од двете страни да разговараат“,
рече премиерот.
Бугарскиот амбасадор во земјава, Жељаско Радуков, денеска е повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија каде од него ќе биде побарано објаснување зошто бугарскиот претседател Румен Радев ја повикал претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да се фотографираат пред бугарски знамиња, а притоа не биле поставено македонското.
Претходно од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова изјавија дека ќе побараат објаснување од бугарската страна оти, како што велат, иако не било предвидено да има фотографии во затворениот простор, но пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја поканил претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме.
„Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“,
велат од претседателскиот кабинет.
Отсуството на државното знаме на земјава на вчерашната средба во Софија на претседателката Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев предизвика реакции во јавноста.