Плановите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по одбивањето на иницијативата за одржување референдум против Договорот со Бугарија, се да работи на уривање на оваа влада

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја урива оваа криминална и неспособна влада сè до организирање предвремени парламентарни избори. Ова го изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кои се плановите на партијата по одбивањето на иницијативата за одржување референдум против Договорот со Бугарија.
„Ние поднесовме иницијатива која е согласно законот и Уставот. Еден човек во парламентот се става над сите закони и над Уставот и креира преседан. Тој преседан многу скоро од денеска ќе стане пракса, а за да не стане пракса треба тој што го креирал тој преседан да одговара. И ќе одговара еден ден бидејќи тој нема да биде вечно на тоа место, неговата партија нема да мести судии и обвинители, ќе биде многу скоро во опозиција и за неговите постапки тој човек ќе одговара“,
рече Мицкоски.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица, Мицкоски рече дека играта на поднесување иницијативи може да се игра до бескрај, но дека веќе е направен преседан со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски и во оваа пригода го повтори барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за оставка на премиерот Димитар Ковачевски.
„Ковачевски треба да каже дека дезертирал и да се повлече од челното место во Владата. Во јавноста се појавија две контрадикторни тврдења од страна на Ковачевски, а тоа е дека како оправдание го користеше своето образование, го завршил факултетот па се запишал на постдипломски студии, па потоа веќе отслужувањето не било задолжително, за неколку месеци подоцна, осум месеци, даде изјава дека имал медицински пречки и дека поради тие хируршки интервенции не можел да присуствува“,
рече Мицкоски.