Во жестоката дебата Христо Иванов, кој е копретседател на Демократска Бугарија – четвртиот партнер во власта – утрово, пак, од собраниската говорница повика да се смират страстите бидејќи доколку дојде до нови предвремени парламентарни избори тоа би значело победа на Путин
Актуелниот пратеник и претседател на собраниската Комисија за буџет и финансирање во Народното собрание на Бугарија, Љубомир Каримански, е единствениот кандидат за нов гувернер на Бугарската народна банка (БНБ), за чиј избор дискутираат бугарските пратеници.
Каримански е кандидат од коалицискиот партнер во бугарската влада Има таков народ, партијата на Слави Трифонов, меѓутоа тој ја нема поддршката од другите три владини партнери: коалицијата „Продолжуваме со промените“ (каде што еден од двајцата предводници е премиерот Кирил Петков), Демократска Бугарија и Бугарската социјалистичка партија (БСП).
За разлика од нив, опозициската коалиција на ГЕРБ, која е втора по бројност според бројот на пратеници, пак, утрово даде јасен сигнал дека ќе го поддржи Каримански откако изминативе денови сопартијците на Борисов најавија дека ќе донесат одлука во последен момент.
Дебатата за нов гувернер меѓу пратениците фрли акцент и на стабилноста на владината коалиција поради несогласувањата.
„Вашата коалиција е на работ на распаѓање, дури и на работ на самодеинтеграција“,
рече Десислава Атанасова од ГЕРБ во првото обраќање во дебата за избор за гувернер.
Таа застана во одбрана на кандидатот на Има таков народ, а по трите коалициски партнери на Има таков народ ги праша како Каримански за нив е добар да го изберат за претседател на собраниската Комисија за буџет, но не и за гувернер.
Токму од гласовите на ГЕРБ, како што пренесуваат бугарските медиуми, ќе зависи дали ќе се пропадне предлогот кандидатот на Има таков народ да биде нов гувернер, бидејќи гласовите на „Продолжуваме со промената“, Демократска Бугарија и БСП не се доволни за да се отфрли предлогот.
Овие три коалициски партнери, пак, испратија јасен сигнал дека нема да го поддржат кандидатот на Трифонов.
Премиерот Петков утрово во изјава кажа дека веројатно пратениците на „Продолжуваме со промената“ нема да гласаат „за“.
„За нас не е добар чекор да гласаме кога немаме согласност околу еден кандидат. Не брзаме. Најверојатно денеска нема да ја поддржиме кандидатурата“,
рече Петков.
Пратеникот Георги Свиленски од БСП излезе со слична изјава порачувајќи дека коалицискиот договор предвидува тие да имаат заедничка кандидатура, што не е случај со Каримански.
Во жестоката дебата во која се споменуваат и други теми освен изборот на гувернер, Христо Иванов, кој е копретседател на Демократска Бугарија – четвртиот партнер во власта – утрово, пак, од собраниската говорница повика да се смират страстите бидејќи доколку дојде до нови предвремени парламентарни избори тоа би значело победа на Путин. Според него, Бугарија се наоѓа во апсолутно тешка ситуација која никогаш не била толку комплицирана и од политички, но и геополитички и економски аспект.