Тој нагласи дека постојат неколку пристапи за решавање на проблемот, а еден е да се собере метанот преку специјални цевки и потоа може да се искористи за производство на електрична енергија. Марковски вели дека постојат и други методи што се применуваат на над 200 локации во Европа

Граѓаните блокираат и протестираат, а депонијата Вардариште и денеска гори. Ќе изумреме како диносаурусите ако не се справиме со загадувањето, порача кандидатот за градоначалник на Град Скопје од „Независни заедно“, проф. Горан Марковски.
Марковски, кој на денешната прес-конференција во паркот „Авионче“ во Аеродром дојде со маска на лицето од диносаурус, беше придружуван од носителката на кандидатската листа за советници во Град Скопје на граѓанската платформа „Независни заедно“, Јана Белчева-Андреевска. Тие рекоа дека денеска се таму за да покажат солидарност со сограѓаните кои се најзасегнати со проблемот на Вардариште и оти овој проблем иако наследен од минатото, ќе биде нивна обврска во градот Скопје.
Марковски рече дека проблемот со Вардариште мора да се реши со примена на стручни методи.
„Не се преземени никакви стручни мерки за да се справат со гасовите што се ослободуваат од распаѓањето на ѓубриштето. Околу него има голема количина метан, кој е лесно запалив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар“,
рече Марковски.
Тој нагласи дека постојат неколку пристапи за решавање на проблемот, а еден е да се собере метанот преку специјални цевки и потоа може да се искористи за производство на електрична енергија. Марковски вели дека постојат и други методи што се применуваат на над 200 локации во Европа.
„Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште. Постојат методи, стручни методи денес и многу актуелни. Само треба знаење, одговорност и секако независност“,
вели Марковски.
Јана Белчева-Андреевска потсети дека постојат јасни насоки во усвоени документи како ЛЕАП, но тие досега биле игнорирани. Според неа, решението треба да биде реално и модерно, а нејзиниот план вклучува затворање на просторот за диво депонирање, 24/7 периметарска контрола со видеоаналитика и препознавање на регистарски таблички, користење на термални камери и дронови за рано откривање на пожари, како и интегрирање на сите податоци во единствен систем за јавна отчетност.
Белчева-Андреевска побара сојузници во овие напори да им бидат граѓаните за кои рече дека се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни, и ќе продолжат да работат за јавниот интерес.
Платформата „Независни заедно“ ги обединува локалните иницијативи како „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“, а покрај за Скопје, се стреми кон победа и во Општина Центар, каде ја поддржува кандидатурата на Билјана Ивановска. Тие порачуваат дека „само заедно можеме да му дадеме шанса на Скопје да стане град по мерка на човекот“.
Прес-конференцијата на „Независни заедно“ доаѓа откако два дена жителите на Аеродром излегуваат на протест и бараат решавање на проблемот со Вардариште. Незадоволството од смрдеата што со години се шири од Вардариште решија да го изразат откако во неделата по трет пат се случи една третина од Скопје да нема струја поради пожар на депонијата.