Прашан за коментар во врска со обвинувањата што опозицискиот СДСМ досега ги изнесе во дебатата за предлог-буџетот за 2025 година, кој е пред комисиска расправа во Собранието, а се однесуваат на тоа дека актуелната влада воопшто не вложува во инфраструктурата, туку ги довршува само проектите што ги има наследено, Мицкоски рече дека некој треба да ги заврши тие проекти бидејќи, како што додаде, би било неодговорно доколку Владата рече „ова е проект на СДСМ и ние нема да го работиме“
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во наредниот период ќе бидат отворени многу случаи поврзани со злоупотреби при доделувањето земјоделско земјиште.

Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање во врска со засилените контроли на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за распределбата на земјоделското земјиште и додаде дека станува збор за една од стратегиски определби на Владата.
„Тоа е една од стратешките определби на оваа влада и јас мислам дека во периодот што следува ќе има многу случаи за злоупотреба во врска со тоа како се доделувало тоа земјоделско земјиште. И отсега натаму тоа земјиште треба да оди онаму каде што е навистина е потребно, а тоа е кај на земјоделците, а не на оние што земјоделството им е секундарна, терцијална или можеби и друг тип работа и приоритет“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференција по средбата со претставниците на Македонската банкарска асоцијација.
Инаку, минатата недела Управата за финансиска полиција соопшти дека до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против против три службени лица во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), од кои едното е поранешен функционер. Тие се осомничени дека не постапиле согласно своите овластувања и надлежности во врска со постапката за раскинување договор и одземање државно земјоделско земјиште од фирмата „ДЗС Илинден“ АД Скопје.
На 10 септември актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на прес-конференција изнесе обвинувања кон ексминистерот Љупчо Николовски дека додека бил на чело ова министерство овозможил две фирми незаконски да добијат државни субвенции од илјадници евра. Една од фирмите што тој ги спомена беше „ДЗС Илинден“ АД Скопје, во врска со која е поднесена кривичната пријава.
Прашан за коментар во врска со обвинувањата што опозицискиот СДСМ досега ги изнесе во дебатата за предлог-буџетот за 2025 година, кој е пред комисиска расправа во Собранието, а се однесуваат на тоа дека актуелната влада воопшто не вложува во инфраструктурата, туку ги довршува само проектите што ги има наследено, Мицкоски рече дека некој треба да ги заврши тие проекти бидејќи, како што додаде, би било неодговорно доколку Владата рече „ова е проект на СДСМ и ние нема да го работиме“.
„Сега и опозицијата треба нешто да каже. Ние не можеме тука да забраниме да се зборува, но тоа што го зборува опозицијата е целосно неточно. Мислам станува збор за повеќе од 50 милијарди денари капитални инвестиции. Инаку да, треба некој да ги заврши тие проекти. Зарем треба да се случи истото што се случи со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, односно седум години да не мрднат ни милиметар. Зошто? Затоа што тоа било почнато од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, сега ние треба да речеме ‘а не, ова е проект на СДСМ и ние нема да го работиме’. Би било многу неодговорно доколку така се однесуваме, затоа ние се одлучивме да засукаме ракави и сето она кое што е почнато да го завршиме, а во меѓувреме да развиваме проекти кои што потоа би ги аплицирале“,
рече Мицкоски.