Тој додаде дека се анализираат неколку успешни модели со цел да се создаде сценарио за стабилизирање на цените

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави нови владини мерки за справување со високите цени во маркетите, а ќе има мерка која ќе вклучува и училишна кошничка. Тој вели дека Владата разгледува законски можности за санкционирање на сите субјекти кои драстично ги зголемиле цените по укинувањето на досегашните мерки.
„Анализираме неколку концепти, сигурно ќе има мерки кои ќе се однесуваат на училишната кошничка, за тоа сигурно ќе има мерки. Се анализираат цените периодов што изминува за да нема сега наеднаш зголемување пред септември затоа што таквиот начин на однесување не само што ќе наиде на шестока реакција од Владата туку ги разгледуваме и законските можности како да се санкционираат субјектите што ќе се одлучат на таков тип на шпекулативно однесување“,
вели Мицкоски.
Инаку, минатата година, на почетокот на учебната година, Владата ги ограничи маржите на училишниот прибор. Со замрзнати маржи од 5 отсто во големопродажба и 10 отсто во малопродажба се продаваа тетратки, ранци, боици, пластелин, фломастери, маркери, мрсни, акрилни и водени бои, четки, линеари и дидактички материјали, острилки, гуми за бришење, ножици, футроли, шестари, дигитрони, компаси, табли, креди…
По денешниот почеток на изградба на спортска сала во Воената академија во Скопје, Мицкоски изјави дека се прави детална анализа за зголемувањето на цените на производите во маркетите, што претходно беа регулирани.
„Ги следиме цените во овие два месеца откако завршија мерките и правиме анализа на се она што беше ограничено за да видиме за колку наеднаш одредени правни субјекти ги зголемиле цените. Ќе излеземе пред нив со детална анализа за да им укажеме дека таков тип на однесување не само што нема да толерираме, туку и ќе ги искористиме сите законски можности што ни стојат на располагање“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека се анализираат неколку успешни модели со цел да се создаде сценарио за стабилизирање на цените.
Државниот завод за статистика објави дека во јуни цените на мало забележале годишно зголемување од 3,7 отсто, додека инфлацијата е зголемена за 4,5 проценти.
Мицкоски и минатиот месец најави дека до крајот на јули треба да биде познат моделот по кој Владата ќе реагира на забележливиот тренд на поскапување на прехранбените производи.
Мицкоски тогаш рече дека сè уште се анализираат параметрите, но додаде дека во голема мера има јасни индикатори каде е базичната инфлација, која влијае на конечната инфлација. Неговите очекувања беа дека до крајот на минатиот месец ќе се конципира моделот.