На прашањето што ќе се случи со министерските позиции на ДУИ, доколку интегративците се повлечат од Владата, Ковачевски кажа дека треба да седнат работни групи кои ќе го дефинираат и тоа
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, смета дека разговорите со ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени сега треба да продолжат на пооперативно ниво и веќе да се разговара за, како што вели тој, модалитети и рокови.
По лидерската средба одржана во средата, Ковачевски немал контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На прашање дали ќе го повика на нова средба деновиве, Ковачевски во гостување на „360 степени“ на ТВ Алсат одговори:
„Јас сметам дека тој процес сега треба да се води на подетално и на пооперативно ниво, каде што ќе може да се разговара за детали, бидејќи ние ќе мора да влеземе во процес на дефинирање на рокови и тоа не само СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку и другите.“

На новинарско прашање дали навистина мисли дека има реална основа за продолжување на дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ или ова го зборува само заради „пи-ар“, Ковачевски вели дека сè било кажано на прес-конференцијата по лидерската средба, на која, според него, Мицкоски директно кажал дека поддржува уставни измени и влез во влада без ДУИ.
„Сега се работи за модалитети, рокови и начини на спроведување. Јас сметам дека ние сме сериозни луѓе. Јавно кажаниот збор останува, тој е снимен. Јас ќе ги информирам телта на партијата за тоа што е разговарано и јавно кажано. Таа прес–конференција беше резултат на средба на којашто се разговараше тоа што го кажавме на прес-конференцијата“,
рече Ковачевски.
На прашањето што ќе се случи со министерските позиции на ДУИ доколку интегративците се повлечат од Владата, Ковачевски кажа дека треба да седнат работни групи кои ќе го дефинираат и тоа.