Јас не знам кому му се брза да стане власт во ваква ситуација и зошто би брзал, затоа што мислам дека може да се најде во позиција многу кратко да трае, смета универзитетскиот професор и член на Советот за национална безбедност
Пролонгирањето (на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија) е и безбедносен ризик и ризик за репутациска штета за Европската Унија и тука нема дискусија, вели универзитетскиот професор и член на Советот за безбедност, Ненад Марковиќ.
Тој во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека популарноста на трети страни кои се заинтересирани за влијание на Балканот расте во моменти кога има ваков тип кризи – пред француското вето и сега со бугарското вето.

„Она што дефинитивно се смени и затоа час поскоро треба да излеземе од ветото, е перцепцијата кон соседните народи. Бугарија со своето однесување, дефинитивно, не сврти кон север, прави многу поголеми пријатели од Србите што дополнително нив ги фрустрира и сега самите влегувате во сопствената замка – сакајќи нешто да постигнете, постигнувате тотално контраефект, она што баш не сакате да го постигнете. Бугарите, како соседен народ, паднаа на листата на популарност. Во одереден период солидно се крена перцепцијата за Бугарите, после влегоа во најнепосакуван правец што не резултираше со кршење на човековите права“,
вели Марковиќ.
Во однос на комуникацијата меѓу власта и опозицијата и барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за средба со премиерот Димитар Ковачевски, Марковиќ смета дека кај премиерот има доза на страв дека Мицкоски, на таква средба, не би сакал за ништо друго да разговара освен за предвремени избори. Но, вели дека подобро е да се сретнат, па макар да имаат непријатен разговор, отколку воопшто да не се сретнат.

„Јас се сложувам дека веројатно не е паметно да има избори додека ова прашање не слегне. Јас да сум опозиција во моментов, кризата со пандемијата можеби помина, но со ваква економска состојба, со потенцијално задолжување, со инфлација, со украинско-рускиот судир, јас не знам на кого му се брза да стане власт во ваква ситуација и зошто би брзал, затоа што мислам дека може да се најде во позиција многу кратко да трае“,
смета тој.
*Повеќе вести од вечерашното издание на „360 степени“:
