Говорејќи во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, Тренчевска ги повика граѓаните да останат спокојни и посочи оти во Буџетот се предвидени средства за исплата на пензии, плати и надоместоци за социјална и детска заштита
Пари за исплата и на плати и на пензии ќе има, уверува министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Говорејќи во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, Тренчевска утринава кажа дека во Буџетот се предвидени средства за исплата на пензии, плати и надоместоци за социјална и детска заштита.

„Граѓаните да бидат спокојни, пари ќе има и за исплата на пензии и за плати“,
рече Тренчевска и посочи дека средства за исплата на пензии, плати и надоместоците за социјална и детска заштита се предвидени во Буџетот“.
Во насока на исплата на пензиите, Тренчевска кажа оти пензионерите веќе ги добиле септемвриските пензии кои од овој месец се зголемени за 6,8 отсто согласно новата методологија за усогласување на пензиите двапати годишно – во март и септември.
„Целта на ваквото решение е воспоставување на систем за постојан раст на пензиите. Во бројки пензионер со просечна пензија во август 16 376 денари, во септември добил 17 490 денари, споредно со јуни 2017 година, тоа е околу 3 500 – 4 000 денари повеќе пари на сметката на секоја пензионер,“
рече Тренчевска.
Министерката додава дека новата методологија за усогласување на пензиите предвидува усогласување според движењето на индексот на трошоци за живот во висина од 50 проценти и порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во државата во висина од 50 отсто, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
„Повисока плата значи и повисока позиција и поголеми одговорности, затоа праведно е процентуалното зголемување на пензиите. Линеарното зголемување од 600 денари што го правеше минатата власт е непочитување на законското решение и популистичка мерка. Преку усогласувањето на пензиите согласно новата методологија, пензиите имаат постојан раст и притоа, секое усогласување влегува во основицата на пензијата“,
посочи Тренчевска.
Таа додаде дека со здруженијата на пензионери веќе е разговарано за зголемување на минималната пензија, за што, како што рече, ќе се отвори социјален дијалог и ќе се креира најиздржаното решение.
Тренчевска потсети дека со јануарското усогласување на пензиите од 2,9 отсто, заедно со покачувањето од 6,8 проценти за месец септември, оваа година пензиите пораснале за 9,7 проценти, како и дека 330 илјади пензионери добиле и финансиска поддршка од 3 000 денари за полесно справување со економска криза.