Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија, според наши информации, е во изолација од петокот, кога беше и постигнат договорот меѓу опозициските партии и Беса за, како што беше првично објавено, ново собраниско мнозинство, а на работ на неопходниот минимум од 61 глас
Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ е позитивна на ковид-19, што може да го проблематизира мнозинството што тврди дека го има опозицијата за уривање на владата на Зоран Заев.
Пратеничката од Гевгелија, Ангелинка Петкова, според наши информации, е во изолација од петокот, кога, всушност, беше и постигнат договорот меѓу опозициските парламентарни партии и Беса за обезбедување 61 глас за изгласување недоверба на Владата или за, како што беше првично објавено, ново парламентарно мнозинство.
Заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојанова, потврди за „360 степени“ дека една пратеничка од пратеничката група на опозициската коалиција е позитивна на ковид-19, посочувајќи дека нема точна информација од кога ѝ е решението за домашна изолација. Наспроти информации дека пратеничката е со симптоми на коронавирусот, Стојановска вели дека пратеничката е без симптоми, така што, ако има потреба, би можела да дојде на гласање во Собранието в четврток, кога треба да се одржи собраниската седница на која ќе се разгледува прашањето за доверба во Владата.
„Тие еднаш го направија преседанот со пратеници што дојдоа на седница во скафандри, повикувајќи се на протоколи на Комисијата за заразни болести, и покрај нашите реакции на тој чин. Тогаш, ако е неопходно, и ние би можеле да ја искористиме таа можност, иако можеби ќе нема потреба на тоа, затоа што се разговара за приклучување и на други пратеници кон иницијативата за изгласување недоверба на Владата“,
ни изјави Стојановска.
Нејзиниот сопартиец и колега во Собранието, Александар Николоски, денеска соопшти дека прашањето за доверба во Владата е доставено до Собранието, со 61 потпис. Тој рече дека очекува на чинот на гласање в четврток да има и повеќе гласови од неопходниот минимум за уривање на Владата, за што се разговара и со други пратеници од досегашното владејачко мнозинство.
Николоски изрази и уверување дека за недоверба на Владата ќе гласа и пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи, кој денеска изјави дека, иако е за уривање на кабинетот на Заев, нема да дозволи неговиот потпис да стои на ист список со пратениците на Левица. Нешто подоцна, во изјава за „Слободен печат”, Реџепи рече дека вечерва ќе се обиде да ги разубеди пратениците од неговата партија да не гласаат да падне Владата, доколку Левица остане во новото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
„Вечерва на состанок со потесното раководство на партијата ќе се обидам да ги убедам сите пратеници на Алтернатива да не бидеме дел од новото мнозинство ако Левица остане“,
изјавил Реџепи.
Во април годинава, двајца пратеници, по еден од СДСМ и од ДОМ, кои беа позитивни на ковид-19, ама без симптоми, се појавија на седница на Собранието за да овозможат кворум, наспроти опструкциите на парламентарната опозиција, за донесување на неколку закони од еден од пакетот мерки за надминување на последиците од ковид-кризата.
Тоа предизвика бурни реакции од опозицијата, но образложението на спикерот Талат Џафери беше дека учеството на пратениците во скафандри на собраниската седница, од посебна кабина, е според протокол донесен уште од јули 2020 година, а дополнет во ноември истата година.