Заедно со телефонските оператори е донесена одлука телефонски броеви што ги имаат членовите на семејствата на повредените што се наоѓаат во странство да бидат ослободени од роаминг, за да можат непречено да контактираат со блиските во земјава, но и со институциите
Досега за 142 лица од семејствата на повредените од пожарот во Кочани што се на лекување во странство им се обезбедени авионски карти и сместување, рече вечерва директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски во интервју за ТВ 21.
За оваа намена првично се потрешони околу 3,5 милиони денари.

„Велам првично, зашто не знаме колку време ќе им треба за лекување. Но, треба да знаат дека целосно и максимално се што ќе излезе како трошок ќе биде покриено од Владата“,
рече тој.
Посочи дека со одлука на Владата на СОЗР и се доделени 30 милиони денари, кои се наменети за првично сместување и транспорт на оние лица, чии блиски се на лекување во странство.
„Одлука на Владата е да се покриваат трошоците за по две лица на еден повреден, но ќе бидат покриени трошоците и на тие што заминале и по тројца-четворица“,
кажа тој.
Заедно со телефонските оператори, вели Томовски е донесена одлука телефонски броеви што ги имаат членовите на семејствата на повредените што се наоѓаат во странство да бидат ослободени од роаминг, за да можат непречено да контактираат со блиските во земјава, но и со институциите.
Некои од членовите на сеемејствата на повредените имаат приватно сместување, но според него, кажано им е дека ќе им бидат рефундирани трошоците, а тоа нема да важи од моментот кога е донесена одлуката, туку ретроактивно.
Додаде дека некои од земјите, како Бугарија каде првично биле испратени дел од повредените, веднаш им обезбедиле сместување на членовите на семејствата.
Министерството за здравство попладнево ги објави медицинските центри во странство каде се лекуваат пациенти повредени во пожарот во Кочани.
Досега 101 пациент е испратен на лекување во странство, како Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Грција, Италија, Австрија, Белгија, Литванија,Турција, Шведска, Унгарија и Полска.
Според последните најави во Турција ќе се лекуваат уште три лица, а седум ќе се транспортираат во Шпанија.