Ниту педа државно земјиште нема да биде злоупотребенo за приватни цели, ќе ги донесеме сите планови, со цел да заштитиме што повеќе зеленило и да обезбедиме јавни површини, рече Герасимовски во Капиштец
Ќе ги донесеме сите детални урбанистички планови (ДУП) за да го заштитиме јавниот просто вети кандидатот на СДСМ за градоначалник на Центар, на вечерашниот митинг во Капиштец.
„Ветувам дека ниту педа државно земјиште нема да биде злоупотребенo за приватни цели, дека ќе ги донесеме сите ДУП со цел да заштитиме што повеќе зеленило и да обезбедиме јавни површини. Направивме многу со носењето на девет ДУП и не беше лесно да се санираат штетите од ВМРО-ДПМНЕ. Во следните четири години ова мора да го завршиме. Ветувам дека ќе живееме во многу почиста општина уште првата година од мојот мандат. Знам дека јавната хигиена е проблем. Со сите сили и нова организација за силна комунална служба ќе имаме почисти маала, улици и паркови. Ова е мој топ приоритет“,
рече Герасимовски.

Носителката на советничката листа на СДСМ за Центар, Андријана Будимир Филиповска , пак најави инвестиции во млади таленти и поддршка на развојот на културата и на спортот. Во срцето на градот, рече, планираме изградба на нова спортска сала на местото на стариот и запуштен објект „Работнички“, веднаш по решавање на судскиот спор.
„Оваа сала ќе биде општински спортски центар, отворен за сите граѓани и спортски клубови, дом на спортот во Центар. Ветуваме и опремување на училишните спортски сали со соодветни реквизити и изградба на нови сали, опремување и одржување на отворените спортски игралишта и промоција на ‘уличен спор’, како модел на рекреација на децата и на младите, финансиска поддршка на спортските клубови, стипендии за ученици спортисти“,
рече Будимир.