Посочи дека негова цел е да создаде постојано место за живеење за Палестинците, бидејќи на Газа ќе ѝ требаат години за да може да биде повторно населена
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно го бранеше својот контроверзен план за преселување на Палестинците од Појасот Газа, велејќи дека нема да им биде дозволено да се вратат во областа.
На прашањето дали на Палестинците ќе им биде дозволено да се вратат во Газа, Трамп за Фокс њуз изјави дека нема да го имаат тоа право, зашто ќе имаат многу подобро место за живеење.
Посочи дека негова цел е да создаде постојано место за живеење за Палестинците, бидејќи на Газа ќе ѝ требаат години за да може да биде повторно населена.
„Ќе изградиме убави заедници за 1,9 милиони луѓе. Тие треба да бидат подалеку од местото каде што сега е опасноста. Во меѓувреме, би ја презел контролата врз Газа. Сфатете го тоа како проект за недвижнини за иднината“,
рече тој.
Трамп очекува да се постигне договор со Египет и Јордан за преселување на Палестинците. Сепак, двете земји ја отфрлија идејата за прифаќање на Палестинците од Газа.
Неговиот план да ја преземе контролата врз Газа, да ги премести жителите и потоа да ја обнови територијата наиде на жестоки критики од американските сојузници и противници, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржа.
Правните експерти посочуваат дека протерувањето на Палестинците од Газа би било кршење на меѓународното право, а Обединетите нации предупредија на етничко чистење.