Таа напомена дека треба да се размислува на тоа дека вештачката интелигенција полека ќе го заземе својот простор, како на ФИНКИ така и на други факултети, при што посочи дека во најскоро време ќе се реализира анализа на пазарот на трудот, по што и најверојатно ќе следи и редукција на квотите на одредени факултети
Министерката за образование и наука Весна Јаневска најавува ревизија на легалното работење на бројни универзитети.
Според неа, оние универзитети што работат спротивно на Законот нема да можат да постојат и понатаму, додека тие што работат легално и што продуцираат квалитетен кадар, Јаневска вели дека не треба да се плашат и оти и понатаму ќе можат да работат.
Јаневска е на ставот дека треба да се направи модернизација на студиските програми.
„Но, она што е горлив проблем во државата се премногу факултети, премногу универзитети и премногу студиски програми со многу малку студенти“,
рече Јаневска во интервју за МРТВ.
Говорејќи за проблемот со изградбата на објектот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Јаневска напомена дека претходната власт, иако имала изградена зграда, не вложила ништо за нејзината финализација, ниту пак вложила да го заштити објектот од пропаѓање.
„На состанокот со деканот на ФИНКИ размислувавме за неколку можни решенија и можам да кажам дека процедурите се во тек. Се водат разговори и преговори со други институции, каде што привремено би можеле да бидат сместени студентите од ФИНКИ. Струката е многу барана“,
рече Јаневска.
Таа напомена дека треба да се размислува на тоа дека вештачката интелигенција полека ќе го заземе својот простор, како на ФИНКИ така и на други факултети, при што посочи дека во најскоро време ќе се реализира анализа на пазарот на трудот, по што и најверојатно ќе следи и редукција на квотите на одредени факултети.
Јаневска во гостувањето рече дека учениците од средните стручни училишта ќе полагаат посебна матура, додека за учениците од гимназиско образование останува државната матура, што ќе биде задолжителна и за оние кои ќе сакаат од стручно образование да преминат во несоодветно високо образование.
„Ќе преземеме мерки за да им го доближиме начинот на стекнување на знаења на учениците. Наставните планови и програми во гимназиско образование не се сменети повеќе од 20 години. Ние тоа ќе го промениме и во соработка со Бирото за развој на образованието ќе воведеме предмети, односно стекнување на знаења, вештини и компетенции за она што е соодветно на денешното време, на пример: финансиска писменост, претприемништво, комуникација, менаџирање на пари, информатика, многу техничко образование – нешто што е потребно во денешното време за младите да можат да се вклучат на пазарот на труд и во општеството, без оглед кој степен на образование го завршиле“,
објасни министерката Јаневска.
Концепцијата за основно образование ќе се ревидира во широка јавна расправа, затоа што, како што рече Јаневска, незадоволството од неа е големо, како кај родителите и наставниците, така и кај стручната фела.
„Ревидираната и надградена Концепција ќе обезбеди континуитет, без да има празнини во образованието на децата“,
додаде таа.