Ова денеска на прес-конференција го изјави народниот правобранител Насер Зибери кој најави дека до Владата ќе достави иницијатива за измени во Законот за облигациони односи и во Законот за извршување со кои би се предвидело казнената камата да не може да биде повисока од основниот долг
Со постојните закони со кои казнената камата може да биде повисока од главницата се нарушува егзистенцијата на граѓаните, а некои од нив запаѓаат во должничко ропство не можејќи да ги плаќаат сите средства од главницата и од каматата.
Ова денеска на прес-конференција го изјави народниот правобранител Насер Зибери кој најави дека до Владата ќе достави иницијатива за измени во Законот за облигациони односи и во Законот за извршување со кои би се предвидело казнената камата да не може да биде повисока од основниот долг.
Според законските измени што ги предлага Омбудсманот, се предлага казнената камата да престане да тече тогаш кога ќе ја достигне висината на главниот долг.
„Народниот правобранител смета неправилно граѓаните кои најчесто имаат статус на должници по основ на извршени основи како што се електрична енергија, топлинска енергија, вода, сметки на телефони, по вина на институциите се доведени во неповолна ситуација. Ваквиот проблем настана со имплементирање на одредбите од Законот за измени и дополнувања на Законот за извршување донесени во 2010 година, со кои се предвиде процес на трансфер на старите извршни предмети од судовите кај нотарите и извршителите кои го продолжија процесот на извршување. Станува збор за префрлени 400 илјади предмети, кои се чувале во судовите поради настанатиот законски и правен вакуум и евидентните недоследности во процедурата за наплата“,
рече тој.
Според Зибери, заради доследна гаранција на уставното начело на правна сигурност на граѓаните како составен дел од принципот на владеење на правото, во преодни и завршни одредби на овие закони да се уреди дека овие измени ќе важат и за постапките кои се во тек пред извршителите како поволно решение во споредба со сегашните.
„Зошто ги бараме овие измени? Имено, во 2020 година беа направени измени во Законот за извршување со кои беше прецизирана листата на категории на лица и примања кои се изземени од извршување, како што се примањата од правата и социјалната помош, социјална заштита, од правата на заштитата на децата итн., и беше ограничена висината на извршувањето од една третина на една петтина од плата или пензија, со што се испочитуваа и препораките на Народниот правобранител“,
потенцира Зибери.
Потребата од измени, Омбудсманот ја илустрираше со неколку примери во кои на граѓаните долгот им се наплатува со задршка од една третина или една петтина од нивните плати или пензии.
“Пример – извршувањето почнува во 2013 година, треба да се наплати камата од 2010 година. Се спроведува забрана на една третина од пензија. Главниот долг изнесува 371 367 денари до 2022 година кога странката се обраќа кај Народниот правобранител. За девет година наплатени се 885 138 денари од кои 783 628 денари се на име на камата на главниот долг, а за наплата остануваат уште 433 604 денари. Значи, за долг од 371 илјади се наплатува само камата 783 628 денари и истата продолжува да тече“,
рече тој.
Омбудсманот информира дека од претставките кои се однесуваат на постапките за извршување, најмногубројни се од делот на извршувањето, односно постапките пред извршителите, а кои главно се однесуваат на наплатата на казнената камата.
Омбудсманот се надева дека Владата и Собранието сериозно ќе ја разгледаат иницијатива и за брзо време да заживее во праксата.