Сепак, како што додаде застапникот на обвинението во случајот, Обвинителството го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор
Изречената казна затвор од 12 години што скопскиот Кривичен суд денеска му ја изрече на Васил Јованов за сообраќајката во која ја прегази младата Фросина Кулакова, обвинителот Александар Марковски ја оцени како победа за Основното јавно обвинителство Скопје.

Ваквата оцена тој ја соопшти во изјава за медиумите по завршување на рочиштето за изрекување на пресудата, а во образложението наведе дека станува збор за досега највисока казна изречена од овој суд за вакво кривично дело.
„Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор којашто во историјата на овој суд за ова кривично дело и кога станува збор за една жртва не била досега изречена“,
рече обвинителот Марковски.
Сепак, како што додаде, Обвинителството го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор.
Инаку, денешната пресуда за сообраќајката што се случи на 29 јануари годинава и предизвика реакции во јавноста, се донесе по само едно рочиште, кое се одржа во петокот и на кое обвинетиот Васил Јованов призна вина за делото што му ставаше на товар – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Обвинителот Марковски се осврна и на овој момент, за што рече дека придонела ефикасната и брза истрага.
„Станува збор за трагичен настан каде што нема простор ниту за славење ниту за разочараност. Во поглед на признавањето вина, мислам дека придонесе и ефикасната и брза истрага, за која со свој кадар и напор придонесе и Министерството за внатрешни работи (МВР), кое беше на висината на задачата, како и истражителите од Основното јавно обвинителство Скопје“,
изјави тој.
Жестока огорченост и бес од висината на казната искажа семејството на жртвата во случајот – Фросина Кулакова, особено нејзиниот татко Тодор Кулаков.
Кулаков ја напушти судницата речиси веднаш откако судијката Снежана Марковска ја соопшти висината на казната што судечкиот совет со кој претседаваше во предметот му ја одреди на Јованов.
„Судот е мафија“, „Мафија судска“, „Багро судска“ беа обвинувањата што во судот ги искажа Кулаков.
Зборувајќи пред новинарите надвор од судот тој изјави дека дванаесетгодишна казна затвор е награда за, како што кажа, вакво најбрутално можно убиство во сообраќајот.
Тој најави нови протести на кои ќе бараат правда за Фросина, а изрази и сомнеж дека родителите на Васил Јованов однапред ја знаеле висината на казната бидејќи, како што рече, денеска изгледале релаксирано во судницата.
Сестрата на Фросина, Росица Кулакова, во објава на социјалните мрежи го изрази незадоволството од пресудата на Кривичен и ја нарече триумф на праксата на неказнивост и плукање врз болката на семејството.
Во објавата, таа во име на семејството повика на нов протест утре во 17 часот пред Универзалната сала во Скопје.
Основниот кривичен суд Скопје денеска му ја изрече казна затвор од 12 години на Васил Јованов за прегазувањето на младата Фросина Кулакова во сообраќајката што на крајот на јануари годинава се случи во Скопје.
Пресудата е неправосилна и странките имаат право на жалба пред второстепен суд, односно пред Апелацискиот суд Скопје.