Карим Масимов, кој беше назначен во 2016 година, беше сменет од претседателот Касим-Жомарт Токаев на 6 јануари, во време кога протестите продолжија низ целата земја
Поранешниот шеф на Комитетот за национална безбедност на Казахстан, Карим Масимов, е уапсен под обвинение за предавство, соопшти Комитетот.
Во соопштениетоода Комитетот за национална безбедност се наведува дека против Масимов во четвртокот е покрената истрага за предавството, а тој е во притвор.
Масимов, кој беше назначен во 2016 година, беше сменет од претседателот Касим-Жомарт Токаев на 6 јануари, во време кога протестите продолжија низ целата земја.
Протестите во Казахстан најпрвин започнаа на западот на земјата на 2 јануари поради поскапувањето на горивата, а подоцна се проширија и во други области. Казахстанскиот претседател тогаш прогласи вонредна состојба во Алма Ата, најголемиот град во земјата и регион богат со нафта Мангистау, а подоцна ја одобри оставката на владата.
Токаев рече дека им наредил на безбедносните сили да пукаат без предупредување кон луѓето што ги нарекува „терористи“, обвинувајќи ги дека продолжуваат со насилството.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан во петокот соопшти дека за време на немирите загинале најмалку 18 припадници на безбедносните сили и 26 демонстранти.
Министерството соопшти дека досега се приведени 4 266 лица, вклучително и државјани на соседните земји.