Барањето за почитување на уставните обврски и комплетирање на Уставен, претседателката на судот го испрати на завршна прес-конференција на која рече дека е задоволна од сработеното во 2022 и додаде дека и покрај недостигот на судии успеале да го одржат просекот на решени предмети, како и да се донесат два стратегиски документи за работата на судот кои досега не биле донесени

Оставаме зад нас една година полна со неизвесност и отежнато функционирање на Уставниот суд во вршењето на надлежностите, но и година на посветеност, макотрпна работа и негово домаќинско менаџирање, порача претседателката на овој суд Добрила Кацарска на завршна годишна прес-конференција.
Темата со неизбирањето судии, која го држи Уставен во некомплетен состав, беше неизбежна во нејзиното обраќање во кое оцени дека не само што тоа е сериозен проблем за судот туку и дамка за држава за што Кацарска прстот го впери кон пратениците.
„Тоа сè уште е сериозен проблем за Уставниот суд, но и дамка за угледот на државата, само затоа што пратениците се неодговорни спрема уставните обврски. Беа избрани двајца нови судии кон крајот на октомври, еден се пензионираше во декември, што значи во овој момент недостасува една третина од вкупно предвидениот број на судии во Уставниот суд и како последица на ова се повторува непосакуваниот исход, се соочуваме со состојба да остануваат предмети кои не добиваат мнозинство гласови, а следствено на тоа Уставниот суд не може во целост да ја оствари својата улога“,
рече Кацарска.
Во моментов од предвидени девет судот функционира со шест судии и поради некомплетираниот состав Уставен не може да одлучи за 24 предмети. Ова од причина што ниеден од овие предмети не може да добие мнозинство гласови за да има одлука.
Пред изборот на двајца судии во октомври, Уставен функционираше и со пет судии односно на работ на кворум за одржување седници.
„И во вакви специфични услови Уставниот суд одржа вкупно 42 седници, што во изминатите 13 години не било случај. Толкав број на седници последен пат имало во 2009 година, но ќе потенцирам дека тогаш судот работел во полн состав од 9 судии“,
рече Кацарска.
Претседателката се пофали и дека овој состав за разлика од претходните, за првпат од основањето на Уставен успеал да донесе два суштински документи: Програма за работа за која државните ревизори имаа забелешки, како и Стратегиски план кој треба да се реализира во следните три години.
Во однос на статистичките податоци, Кацарска сподели дека Уставниот суд годинава оформил 133 предмети од кои седум се барања за заштита на слободи и права, а останатите 126 во најголем дел се однесуваат на барање за преиспитување на уставноста и законитоста на акти.
„И покрај постоењето на објективни тешкотии врз кои Судот нема никакво влијание, успеавме да го одржиме бројот на решени предмети во вообичаениот просек, односно изминатава година имаме 130 решени предмети, од кои речиси половина се примени оваа година. Ќе потенцирам дека е даден приоритет на решавање на постари предмети со цел да се намали бројот на нерешени предмети од минатите години. Во текот на 2022 година Уставниот суд укина одредби од два закона кои се однесуваат на важни уставни права како што се работничките права и еднаквоста на граѓаните. Тука ќе го спомнам укинувањето на одредбата со која неуставно, а на товар на правото на дневен и неделен одмор на работниците беше предвидено да работат на изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10 во просек најмалку 60 часа неделно и тоа да важи во текот на целата година“,
истакна Кацарска.
Втората дискриминациска одредба која ја укина Уставниот суд, а која посебно ја истакна судијката, е членот 44 од Законот за социјална заштита во делот со кој на лицата постари од 65 години не им беше дозволено да добиваат надоместок само поради нивната возрасна граница, иако имаат инвалидитет.
Кога станува збор за активностите на меѓународен план, пак, Кацарска напомена дека нашиот Уставен суд годинава се истакнал и со заедничката иницијатива за формирање Балкански форум на уставни судии кој очекува да прерасне во успешна приказна за меѓусебна соработка и споделување важни искуства.
Во ретроспективата за 2022, судијката посочи и дека Уставен презел мерки за штетење во услови на криза, па дел од настаните во странство ги следеле онлајн, а за околу 40 отсто се намалени и сметките за струја во месеците септември, октомври и ноември во споредба со лани.