Во овој контекст таа ја нагласи важноста од воведување на уставната жалба во нашиот систем бидејќи, како што вели таа, со неа ќе бидат заштитени сите права граѓаните во државата
Дали ситуацијата со пасошите влегува во надлежност на Уставниот суд или не ќе се одлучува кога рефератите по претставките за уставноста на законите поради кои голем дел од граѓаните не можат излезат од државата или да остварат некое друго право ќе стигнат на седница на Судот.

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, која денеска е домаќин на конференцијата на тема „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“, по повод 60-годишнината од постоењето на Судот, не сакаше да го каже својот став по ова прашање во оваа фаза од постапката.
Инаку, претставки за настанатата ситуација со издавањето на личните документи со новото уставно име до Уставниот суд поднесе политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кон средината на јануари. Освен уставноста на законските акти, од партијата тогаш побараа судот да донесе времена мерка со која тие ќе ставан надвор од сила, сè до донесување на конечна одлука. Во меѓувреме Собранието донесе измени за Законот за безбедност во патниот сообраќај со кој беше продолжена важноста на возачките дозволи со старото уставно име до крајот на годината. Но, проблем останаа пасошите поради што оние граѓани што немаат патни исправи со името Република Северна Македонија не можат да излезат од државата.
„Секогаш кога има доставено инцијативи до Уставниот суд, јас не ги коментирам затоа што тоа би значело претходно изнесување на мојот став. Пред сè, јас не ги работам тие предмети. Предметите се поделени кај судии кои работата заедно со тим советници на Судот. Откако ќе бидат доставени тие реферати, јас ќе ги ставам на седница. Дури на седница јас го искажувам мојот став. Сега би било несериозно од моја страна јас однапред да кажам како ќе гласам и дали се работи за основани иницијативи или не“,
изјави Кацарска.
Во овој контекст таа ја нагласи важноста од воведување на уставната жалба во нашиот правен систем бидејќи, како што вели таа, со неа ќе бидат заштитени сите права граѓаните во државата.
„Е, тука гледаме колку е потребна уставната тужба, односно жалба. Мора јавноста да знае за што ние сме надлежни. Не можеме да работиме за секои слободи и права коишто Уставот им ги дозволува на граѓаните, но од друга страна немаат право на заштита. Дали ова со пасошите влегува во наша надлежност или не тоа ќе се произнесеме на самата седница“,
изјави претседателката на Уставен.

Говорејќи претходно за уставната жалба, Кацарска рече дека уште пред две години го повикала државниот врв во уставниот суд да ја им ја образложи иницијативата. Поддршка за неа има од претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за правда Кренар Лога, а се надева дека и другите политички чинители во државата ќе ја сфатат важноста од воведување на овој институт.
„Со оваа уставна жалба ќе се штитат сите права, на сите граѓани во државата, без оглед на нивниот пол раса, верска, национална или политичка припадност. Се надевам дека после изборите новиот состав на парламентот ќе смогне сила, ќе седнат заедно и ќе успеат да ја воведат уставната жалба“,
рече Кацарска.
Прашана дали гледа волја за тоа кај партиите, претседателката на Уставен кажа оти секогаш е оптимист.
„Мислам дека сето ова што го правиме ние ќе допре до нивната свест. Впрочем, тие се оние што мора да внимаваат за заштита на сите права на граѓаните, не смеат да дозволат нашите граѓани да не можат да остварат право во матичната држава, туку директно треба да одат во судот во Стразбур, што ја чини државата материјални средства, но уште побитно го чини и угледот на државата, затоа што ние веќе премногу често губиме пресуди пред Стразбур“,
подвлече претседателката на Уставниот суд.