Најави и дека Катар ќе ја преиспита посредничката улога меѓу Израел и Хамас
Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани во интервју за Си-ен-ен изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху мора да биде изведен пред лицето на правдата по нападот на Израел врз лидерите на Хамас во Доха.
Според него, тоа може да ја убие секоја надеж за ослободување на заложниците во Газа.

„Мислевме дека имаме работа со цивилизирани луѓе. Оваа акција што ја спроведе (Нетанјаху) е варварска“,
рече тој.
Катар, заедно со Египет и Соединетите Американски Држави (САД), е посредник во конфликтот во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас.
Сепак, катарскиот премиер најави и дека Катар ќе ја преиспита посредничката улога во овој процес.
Израелските воздухопловни сили во вторникот ги таргетираа лидерите на Хамас кои се состанаа во комплекс во Доха.
Овој напад предизвика критики и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го оцени потегот за неразумен.
Нетанјаху ги предупреди катарските власти дека оние што ги засолнуваат терористите мора или да се протераат или да се изведат пред лицето на правдата.
Хамас, кој е во војна со Израел во Појасот Газа, тврди дека високи функционери што биле цели на нападот преживеале, но дека шестмина се убиени.
Израел вети дека ќе го уништи исламистичкото движење и ќе го протера од палестинската територија.
Воздушниот напад на Израел врз Доха предизвика и меѓународна осуда.