Блинкен претходно изјави дека САД го разгледуваат одговорот на Хамас и ќе разговара за тоа со израелските власти за време на утрешната посета на Израел
Катарскиот премиер Абдулрахман ал Тани изјави денеска дека реакцијата на Хамас на последниот меѓународен план за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа е „генерално позитивна“, додавајќи дека е оптимист.
„Би сакал да ги информирам медиумите дека добивме одговор од Хамас во однос на општата рамка на договорот, во однос на заложниците. Одговорот содржи неколку коментари, но генерално е позитивен. Сепак, со оглед на чувствителноста на околностите, нема да се занимаваме со детали. Ние сме оптимисти и го доставивме одговорот до израелската страна“,
рече Ал Тани на прес-конференција заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Доха.
Блинкен претходно изјави дека САД го разгледуваат одговорот на Хамас и ќе разговара за тоа со израелските власти за време на утрешната посета на Израел.
Државниот секретар истакна дека Вашингтон ќе ги искористи сите средства што му се на располагање за да постигне пауза во борбите што ќе се заснова на предвремено ослободување на повеќе од 100 заложници.
„Има уште многу работа да се заврши, но сепак веруваме дека договор е можен и навистина неопходен. Соединетите Држави се решени да го искористат секое затишје во борбите за да изградат дипломатски пат кон праведен и траен мир на Блискиот Исток“,
рече тој.
Палестинското исламистичко движење Хамас објави дека позитивно одговориле на меѓународниот предлог за прекин на огнот во Појасот Газа.
Во соопштението објавено на каналот Телеграм се нагласува дека групата го прифатила предлогот „во позитивен дух“, со цел „да се обезбеди сеопфатен прекин на огнот, да се стави крај на агресијата, да се укине опсадата и да се разменат затвореници“, пренесува Ал Џезира.
Во изготвувањето на предлогот учествуваа Катар, Египет, САД и Израел, чии претставници се сретнаа во Париз.