„Јас ценам дека ‘Вреди’ тежи, да не кажам повеќе, но толку без Таравари колку што вредеше и тежеше со него“, рече лидерот на Беса, Биљал Касами, во интервју за РСЕ

Јас уште верувам дека има реални шанси ние да продолжиме заедно, затоа што ценам дека прво вредноста на секоја од партиите што се дел од ВЛЕН е поголема како дел од коалицијата отколку кога би била надвор. Ние сме се обиделе порано, секој поединично, до го предизвикаме Али Ахмети и ДУИ и не сме успеале. Успеавме само кога станавме заедно. Ова во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) го изјави лидерот на Беса, една од партиите во коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами.
„Така што, се надевам дека ова ќе завладее кај секој член на оваа коалиција и на крај ќе излеземе со заеднички став дека тоа што беше целта за да бидеме заедно – и понатаму останува истата цел. ДУИ уште го нема дадено одговорот на 20 години коруптивно, криминално владеење со државата и непретставување на Албанците. Почна да дава отчет. Кога требаше тоа да продолжи, излезе и ова, јас ќе кажам како молња од ведро небо за нас особено, што некој имал контакт, имал комуникација и цени дека треба да се продолжи комуникацијата со Али Ахмети и со ДУИ“,
рече Касами.
На прашањето дали тој лично има комуникација со Али Ахмети, Касами негираше.
„Не. Значи, јас сум го кажал тоа неколкупати. Јас ценам дека Али Ахмети треба да одговара за тоа што им го направи на Албанците, за злоупотребата на позициите на неговите функционери, на неговите блиски членови на фамилијата. ДУИ треба длабоко да се реформира, па од после треба да видиме за можни канали на комуникација“,
вели Касами.
Прашан за ултиматумот што Изет Меџити му го упати на Арбен Таравари да одлучи дали ќе остане во коалицијата „Вреди“ или ќе продолжат преговорите со ДУИ, како и на прашањето колку тежи „Вреди“ без Таравари, Касами одговори:
„Јас ценам дека ‘Вреди’ тежи… да не кажам повеќе, но толку без Таравари колку што вредеше и тежеше со него. Сепак, другите чинители се тука. Од друга страна, со секој член во една фамилија, во една коалиција, дури и една партија, има вредност, бидејќи некој ќе биде внатре. Но, кој било да излезе, автоматски создава можност некој да влезе. Јас ценам дека најголем губитник ќе биде тој што ќе излезе во случајот со коалицијата ‘Вреди’. Народната поговорка вели – тој што ќе се оддели од групата, ќе го јаде волкот. Во случајот, мислам дека ‘Вреди’ ќе продолжи уште посилно. Јас тоа не го гледам како ултиматум, затоа што од моментот кога ние сме се соединиле, сме ги знаелe принципите на коалицијата. Тоа е дека ние сме тука да ги средиме грешките на ДУИ, односно функционерите на ДУИ кои згреѓиле на државата, на народот, на Албанците, треба да одговарат за тоа. Било кој ќе излезе надвор од овие принципи или треба да се врати во тие принципи за кои и со кои сме заедно или треба да каже фала, многу пријатно“,
Касами рече дека со Таравари имале неколку средби изминатиов период, но на последниот неделен состанок на коалицијата Таравари не се појавил.
„Имаше според него некое објаснување. Според мене, за да се состанеме во вакви околности, не би требало да има образложение да не бидеме дел од тие состаноци, особено во вакви моменти, сепак оставам на него да одлучи дали ќе биде на такви состаноци или нема да биде. Неговите објаснувања, според мене, не држат. Но, добро, останува на него тоа да го образложи… Тоа го кажа и во јавност. Кажува дека коалицијата не стои добро кај Албанците, што според нас не е вистина. Анализите, анкетите што ние ги имаме, го кажуваат спротивно. Значи во ДУИ, не несогласувања, имаше убиства поради позиции во власта која ДУИ ја имаше 20 години. Но, сепак немаше ситуација да некој од ДУИ во тие 20 години да излезе и да вика ќе одиме кај ВМРО-ДПМНЕ или кај СДСМ или ќе одиме во друга политичка партија. За нас нема рационално образложение во ваква ситуација да има каква било комуникација и соработка со Али Ахмети и ДУИ“,
смета Касами.
Касами рече дека не држи и објаснувањето дека се работи за барање на Тирана за соединување на албанскиот фактор во Македонија.
„Затоа што Албанците во минатото биле во многу во потешка ситуација. Тирана не имала, не покажала интерес да помогне на Албанците. Јас сум го кажал тоа јавно, во неколку наврати. Официјална Тирана во случајот пред претседателот на Владата таму има реагирано во неколку случаи да го спаси Али Ахмети и ДУИ. Албанците се многу повеќе од ‘Вреди’, ДУИ, БЕСА. Со еден збор, нема рационално објаснување за ваквиот чекор на Таравари“,
рече Касами.
Касами негираше дека причина за несогласувањата е и распределбата на градоначалничките места и советничките листи за претстојните локални избори.
„Не е тоа причината. Ако ние му дадовме пет загарантирани пратенички позиции во листите, ние бевме спремни да му дадеме исто предност во делот на позициите во локалните избори. Дали за градоначалници, дали за советници. Но, инсистирањето да се оди посебно на листите и што останува во тие позиции, за нас оди во прилог на ова што го кажуваме цело време – давање на уште една можност на ДУИ да се врати. Затоа што сепак ова се локални избори. Во локални избори политичката позиција, односно вредноста на политичкиот глас се листите. Затоа што таму се гласа за листа на партија или на коалиција. Во делот на кандидатите, граѓаните повеќе избират личност. Ние цениме дека или ќе излеземе заедно и за градоначалници и за советнички листи, кандидатите ќе бидат на коалицијата ‘Вреди’ или кој било и да има друга комбинација, тоа не е комбинација на коалицијата ‘Вреди’“,
смета тој.
Касами рече дека ако завладее разумот и заедничкиот интерес на коалицијата, убеден е дека состојбата ќе биде надмината. Додаде дека ако има друго нешто што не се кажува јавно, има опасност да не се договорат.
Инаку, несогласувањата меѓу лидерите на партиите од коалицијата „Вреди“ која е дел од актуелната власт, започнаа пред неколку недели. Во интервју за „360 степени“ еден од лидерите на коалицијата, Арбен Таравари го критикуваше начинот на кој „Вреди“ функционира во Владата, оценувајќи го за „тромо“ и со „многу недостатоци”. Во интервјуто тој рече дека впечаток на народот е дека „Вреди“ има многу слаба позиција во Владата.
Ваквите негови ставови дојдоа во период кога „Вреди“ не успева да се усогласи дали ќе настапи заеднички на локалните избори. Прашан дали има некакви сигнали од ДУИ дека би сакале да соработуваат со него на локалните избори, еве што тогаш одговори Таравари:
„Сигнали има, секако дека има. Не дека има само со Алијанса, ДУИ сигурно има комуникација и со другите партии од ‘Вреди’. Тоа е неспорно и постојат такви информации, но тоа е небитно. Видете, друга опција, ако во ‘Вреди’ не се договориме, за нас е сами да одиме на избори. На крајот на краиштата, ако дојдеме, излеземе со листа на советници, со кандидати за онаму каде што мислиме, ако одиме во втор круг, нормално дека би побарале поддршка – каде што ќе оди ДУИ, таму би побарала поддршка од ‘Вреди’, каде што нема да оди ДУИ, би побарале поддршка од ДУИ. Меѓутоа, ќе видиме, сега засега оваа опција е втора опција… Сега ги пуштивме пратениците, тие се поусогласени, да седнат, да се договорат. Тие направиле една драфт-верзија. Ако успеат со тоа – јас им кажав, само донесете дека сте се договориле, прв ќе сум што ќе гласам“,
рече Таравари во интервју за „360 степени“.