Можам да гарантирам дека веќе сме во сериозни преговори со повеќе пратеници и од албанската опозиција и од другите членови на другите заедници кои се дел од сегашниот „Европски фронт“, вели еден од лидерите на ВЛЕН

Кога ќе се отвори вратата, ако некој излезе, можноста за повеќемина да влезат е голема и затоа можам да гарантирам дека оваа влада ќе ја зголеми поддршката во парламентот, вели еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали владата може политички да опстои ако со напуштањето на Арбен Таравари останат да ја поддржуваат само девет од вкупно 30 пратеници Албанци.
Касами тврди дека наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе се зголеми бројот на пратеници кои ќе мигрираат во владејачкото мнозинство. Прашан дали овие пратеници доаѓаат од структурата на Арбен Таравари или се дел од „Европски фронт“, тој вели – од двата табора.
„Значи, од ’Европски фронт’ и од структурата на Таравари. Јас ценам дека Алијанса за Албанците ќе си остане и во ВЛЕН и во Владата. Со колку пратеници, ќе се знае во текот на неделата, откако викендов и самиот Таравари кажа дека ќе си оди од Владата. Исто така и премиерот го кажа својот збор, што ние сме го кажале одамна, дека соработка со ДУИ и останување во влада не е возможно“,
рече Касами.
Дополнително, вели тој, гласовите на последните избори ги добиле како коалиција.
360°: Никој ли не гласаше за ВЛЕН затоа што Арбен Таравари беше дел од коалицијата?
Касами: Па, не гласаше, затоа што цениме дека, и тоа го потврдуваат последните анкети што ги добивме од релевантни институции, за разлика од ’Европски фронт’, ВЛЕН веќе добива идентитет. На страната на ВЛЕН, во една анкета без да се дава листа на партии за кои би се гласало, кога на гласачите им е оставена отворена листа за кого би гласале, за разлика од Фронтот каде се појавува само ДУИ, кај ВЛЕН се појавуваат половина од поддржувачите кои се на ВЛЕН, а потоа секоја партија има по нешто. Вредноста на партиите во ВЛЕН ја дава самата коалиција – кој е внатре има вредност, а кој си оди нема вредност и тоа ќе се преслика и на следните избори.
Соочен со друга анкета која беше објавена неодамна и според која ДУИ има поддршка од 12%, а сите партии во ВЛЕН заедно со Таравари уживаат поддршка кај 13% од гласачите, од кои шест отсто го поддржале токму крилото на Алијанса на Таравари, Касами вели дека политиката не е математика и оти тие што би му дале поддршка на Таравари не се гласови кои би завршиле на контото на ДУИ, бидејќи историјата на создавање на партијата на Таравари покажува дека секогаш нивните гласачи биле настроени контра ДУИ.
На новинарско прашање како владејачкото мнозинство очекува да има Бадентерово мнозинство во Собранието, имајќи предвид дека и досега имаа проблем со т.н. „голем Бадентер“, Касами вели дека може да гарантира оти со новата комбинаторика ќе имаат Бадентер бидејќи во владејачкото мнозинство ќе има повеќе пратеници од другите етнички заедници во државата кои се потребни за Бадентер Бадентер.
„Можам да гарантирам дека веќе сме во сериозни преговори со повеќе пратеници и од албанската опозиција и од другите членови на другите заедници кои се дел од сегашниот ’Европски фронт’“,
рече Касами.