Европа не е подготвена да се проширува бидејќи по победата на Трамп самата се бара во геополитиката, вели Биљал Касами од владејачката коалиција ВЛЕН

Доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД ги редефинира геополитичките позиции и сега ЕУ не може да се фокусира на проширување кога самата го бара своето место, вели еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Прашан како на гласачите им ја објаснуваат блокадата на евроинтеграциите, со оглед на тоа што еден од столбовите на кои беше формирана актуелната владата беше забрзана интеграција на земјава во ЕУ, Касами одговара дека Европа не е подготвена да се проширува.
„Со новата геополитичка ситуација во САД, со доаѓањето на претседателот Трамп, веќе сме во фаза на редефинирање на геополитичките позиции во светот. Европа сега се најде во една ситуација каде треба да ги разгледува уште еднаш своите позиции како еден проект за проширување со нови држави, но и во односите со САД. Со овој предизвик што им го даде Трамп во делот на регулирање на односите меѓу Европа и САД, гледам дека Европа нема толку сила да продолжи со проширувањето. Така што, од моментот кога Европа ќе биде подготвена сериозно да го продолжи процесот на проширување и кога САД ќе имаат интерес да нѐ поддржат како главен стратешки партнер, јас сум сигурен дека ќе имаме брзо решение“,
одговара Касами.
На дополнително прашање дали ова значи дека Владата кренала раце од европските интеграции, Касами вели дека членството во ЕУ за владините коалициски партнери останува приоритет.
„Главен фокус на оваа влада останува ЕУ, но знаете, за танго треба двајца. Особено кога ЕУ е главен фактор за процесот, односно одлучувачкиот фактор за процесот, колку и да сакаме ние“,
вели тој.
На забелешката дека носење на уставните измени би го продолжило процесот, Касами вели:
„Да, но никој не ни кажува дали е тоа последно. Мислам дека можат да ни кажат затоа што Бугарија е членка на ЕУ. Имаме ситуација со Унгарија и Украина, кога претставникот на Унгарија излезе надвор и ЕУ донесе одлука за започнување на процедурите со Украина. Ние цениме дека ако Брисел има сериозна волја, Брисел е одлучувачки за продолжување на процесот, а сигурно ние сме подготвени во моментот да подадеме рака за да се продолжи процесот“.
Тој не гледа проблем доколку, според најавите од Европската комисија, Црна Гора и Албанија до крајот на 2029 година бидат подготвени за членство во ЕУ, бидејќи смета дека тоа може да биде само плус за државава, иако таа ќе остане надвор од Унијата.
„Јас не гледам проблем во тоа, бидејќи што повеќе Европа ја имаме во регионот толку повеќе имаме можности и Македонија побрзо да биде членка. Ценам дека ако и на Запад ни дојде Европа, како што ни дојде на исток и на југ, посериозно кај нас ќе размислуваме за побрзо да наоѓаме некои решенија“,
вели тетовскиот градоначалник.