Касами информира дека вечерва на состанокот на Централното собрание на Беса била дискутирана и работата на функционерите на Беса во Владата. Како што посочи, членовите на Собранието ја поддржале неговата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Централното собрание на движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на ова партиско тело со цел во иднина партијата да биде дел од процесот почнат за спојување на повеќе политички партии во партијата ВЛЕН како еден политички субјект. Оваа одлука ја донесе Централното собрание вечерва по час и половина заседавање во партиското седиште во Тетово.

„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што ја сочинуваат ВЛЕН. Во оваа пригода Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН давајќи поддршка за спојувањето во еден субјект со решение што го почитува принципот на правда и ги слуша гласот на волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“,
истакна лидерот на Беса, Билал Касами.
Тој додаде дека на состанокот на Собранието била дискутирана и работата на функционерите на Беса во Владата. Како што посочи, членовите на Собранието ја поддржале неговата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
„Анализата на работата на функционерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата. Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средства за наша најдобра и ефикасна служба на сите граѓани, особено Албанците и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“,
истакна Касами.
На новинарско прашање дали тој ќе биде претседател на новата заедничка партија во рамки на коалицијата ВЛЕН, Касами рече дека има неколку опции за дискусија.
„Не би сакал да кажам да или не. Сигурно дека доколку заеднички процениме дека јас би требало да преземам некоја обврска, јас сум подготвен“,
посочи Касами.
Прашан за коментар на изјавата Мицкоски дека тој е мандатар и тој ја составува Владата, Касами рече дека се свесни за тоа.
„Но, сè додека е политичка влада во која учествува Беса, како дел од ВЛЕН, Беса одлучува кој министер ќе биде предложен од нејзина страна, како дел од идната влада“,
посочи Касами.
Тој додаде дека има одлука да се оцени работата на сите функционери, вклучително и на Фатмир Лимани.
Пред седницата Лимани одговори на новинарско прашање кој ќе одлучува за него дали ќе биде министер, премиерот Христијан Мицкоски или Касами.
„Работата која сум ја извршил за овие 16-17 месеци, вработувањата и ред други работи и проекти кои се направени во полза на народот и нашата држава, тоа ќе одлучува“,
истакна Лимани.
Тој рече дека се потребни разумност и дејствија кои нема да создаваат простор за враќање назад.
„Не се осмелуваме да ја нарушиме структурата на ВЛЕН бидејќи тоа би значело враќање назад. Не треба да создаваме простор за други структури да станат дел од Владата“,
рече Лимани.
Лимани, исто така, испрати порака дека не треба да го гледаат него како поединец во овој процес, туку дека постои поголема политичка застапеност.
