Во врска со тоа кој ќе ги замени функционерите што поднесоа оставки во Владата, Касами рече дека се во тек консултации со премиерот

Претседателот на движењето Беса, Биљал Касами, денеска изјави дека оставките на дел од владините функционери од редовите на Алијанса за Албанците (АА) се однесуваат само на неколкумина индивидуалци. Според него, другите функционери ќе продолжат да бидат дел од Владата и од новоформираната партија ВЛЕН.
На новинарско прашање за ситуацијата во која веќе има трите крила на Алијанса за Албанците, Касами рече дека постои само една Алијанса за Албанците – онаа што е дел од коалицијата ВЛЕН. Тој додаде дека правните процедури во врска со статусот на партијата се во судска постапка и се надева дека брзо ќе завршат во интерес на, како што рече, „вистинската Алијанса на Албанците“.
Касами нагласи дека за коалицијата ВЛЕН е поважно каде се гласачите на АА, отколку кој ги поседува партиските печати.
„За нас важно е каде се гласачите на АА, а гласачите на Алијанса на Албанците се како дел од ВЛЕН за тоа што беа важен чинител на победата во парламентарните избори. Од формален аспект, веќе е донесена одлука да ВЛЕН стане политичка партија и политички субјект. Така да за нас е многу помалку важно, дали ги имаат печатите или не, за нас е важно гласачите на Алијанса на Албанците да бидат таму кај што беа на последните парламентарни избори“,
изјави Касами по настан во Тетово.
Во врска со тоа кој ќе ги замени функционерите што поднесоа оставки во Владата, Касами рече дека се во тек консултации со премиерот.
„Овие денови ќе се знаат имињата на министри, заменик министри. За нас е тоа важен процес, затоа што министерството за здравство е многу важно министерство за да имаме резултати кои сме ги нуделе на граѓаните на последните парламентарни избори“,
рече Касами.
Тој додаде дека само индивидуи кои соработуваат на некој начин или форма со ДУИ не се добредојдени, додека Алијанса за Албанците и сите што сакаат да останат во неа и следователно на тоа и на ВЛЕН се добредојдени.
Процедурата за нивното назначување, според Касами, веќе е започната.
Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари до скоро беше дел од коалицијата ВЛЕН која, пак, е дел од владината коалиција. Но, лидерот Арбен Таравари објави дека излегува и од ВЛЕН и од Владата поднесувајќи си оставка од функцијата министер за здравство.
Заминувањето на Таравари од функцијата не повлече неговиот пример да го следи вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој најави дека останува во коалицијата.
Но, од заменик-министерските функции за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана оставки си поднесоа Фљакрон Беџети и Елфет Исмаили, како и националниот координатор за имплементација на нови технологии Блерант Рамадани.
Денеска, новиот координатор на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, рече дека нивната група до денес брои девет члена и изрази уверување дека во наредните денови ќе им се приклучат и други пратеници, со цел да достигнат десет, па дури и 14 члена.