Соработката со Албин Курти, според копретседателот на Влен, Биљал Касами, може единствено да се толкува како институционална соработка помеѓу Приштина и Скопје, и оти резултатите се видливи на терен, нешто што во моментов не е случај со Република Албанија

Воведното обраќање на премиерот на Косово, Албин Курти, на основачкиот конгрес на партијата Влен, кое воедно беше и прв настап на овој настан, според копретседателот на партијата, Биљал Касами, не треба да се гледа како патернализам од Приштина, туку единствено како нормална соработка помеѓу партии.
Касами вели дека ова е нормална пракса бидејќи и на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржа кон крајот на минатата година, присутни биле претседатели на народни партии од Европа кои се нивни сестрински партии.
Кога станува збор за односите со премиерот на Албанија, Еди Рама, и неодамнешниот случај во кој министерот за надворешни работи на Албанија, Ферид Хоџа, наводно Албанците кои живеат во Македонија ги нарекол „идиоти“, Касами вели оти е очигледно дека постојат одредени политички преференции иако тој лично би сакал и Приштина и Тирана да прават разлика помеѓу политичките и државните преференции, односно институционалната соработка.
„Кога ДУИ беше во владата, иако се гледаше, нели, преференцијата од страна на Тирана, од страна на Еди Рама, сепак ние ги оправдувавме дека тоа е институционална соработка меѓу две влади. Но, во ситуација во која веќе ДУИ е во опозиција и да биде повикан, на пример, претседател на една политичка партија на еден меѓувладин состанок, средба, каде што беа министри и други владини функционери, во ситуација кога лидерот на опозицијата нема ниту една извршна позиција, веќе се гледа дека тоа е повеќе политичка преференција и, да не кажам, злоупотреба на институции за протежирање на некој политички лидер отколку соработката што беше претходно на Тирана со Скопје во делот на Еди Рама и Али Ахмети“,
вели Касами.
Оттаму, вели колидерот на Влен, соработката со Албин Курти може единствено да се толкува како институционална соработка помеѓу Приштина и Скопје, а не партиска, и оти резултатите се видливи, како едношалтерскиот систем кој го олеснува процесот на движење помеѓу Косово и Македонија, нешто што не е случај со Албанија, поради политичките преференции на актуелната власт во Тирана.

На прашањето што конкретно разговарал другиот копретседател на Влен, Изет Меџити, при неодамнешната посета на Тирана, која следуваше по изјавата на албанскиот министер за надворешни работи, Касами вели дека пораката што Влен ја испратила до албанските власти е оти без разлика на тоа што ќе биде кажано од Албанија, тие ќе опстојат во намерите да имаат институционална комуникација и соработка.
„Сè додека Социјалистичката партија на Еди Рама е на власт во Албанија, ние ќе се надминеме себеси, и по ваквите изјави, да бараме врата за соработка и во тој дел беше пренесена пораката дека ние ќе продолжиме да гледаме во Тирана еден добар сосед и да гледаме една држава која и по Устав треба да се грижи за Албанците во Македонија, а не само за Али Ахмети и ДУИ“,
изјави Касами.
